Афера со прислушување ја потресе српската тајна служба, следуваат разрешувања и испитувања
Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) се соочува со внатрешни потреси по објавувањето документи за наводно прислушување на редакцијата на неделникот „Радар“. Според пишувањата на медиумот, директорот на Агенцијата, Владимир Орлиќ, наредил испитување на повеќе раководители и вработени, по што следувале разрешувања и промени во раководната структура.

Иако БИА ги демантираше обвинувањата, на почетокот на ноември во просториите на Петтата управа, задолжена за внатрешна контраразузнавачка заштита, започнале сослушувања и полиграфски тестирања на вработени, објави „Радар“.
Меѓу разрешените е шефицата на кабинетот на Орлиќ, Оливера Муњиќ, на чие место, според медиумот, дошол Иван Рибаќ, поранешен пратеник на Српската напредна странка. Сменет бил и Милош Симиќ, началник на Првата управа на БИА, кој, според неофицијалните информации, одбил да се појави на сослушување. Наводно, неговиот пример го следеле и дел од подредените, што дополнително ги нарушило односите во командната хиерархија.Промени имало и во други сектори. За началник на Шестата управа, задолжена за обезбедување, бил назначен Бранко Глигоријевиќ, поранешен возач на Орлиќ, додека логистиката му била доверена на Мирослав Радивојевиќ, поранешен домар во српското Собрание.
Според изворите на „Радар“, сослушувањата започнале на 5 ноември. Пред нивното спроведување, службениците задолжени за преслушување на телефонските разговори и изработка на транскрипти биле испратени дома за да не присуствуваат на приведувањето на колегите.
Медиумот објави и дека Петтата управа испратила предупредување до регионалните центри дека откривањето информации за оперативната работа на Агенцијата може да доведе до откази и кривични санкции.
„Радар“ претходно објави документи за кои тврди дека покажуваат оти следењето на новинарите било спроведувано врз основа на Законот за БИА, а не на Законот за кривична постапка. Според толкувањето на медиумот, мерките можеле да бидат одобрени директно од директорот на Агенцијата. Сепак, останува неразјаснето врз кои докази биле засновани сомневањата за шпионажа и продолжувањето на мерките со судски одлуки.
Објавата отвори и пошироки прашања за надзорот врз работата на БИА, особено по информациите за проширување на тајното следење за време на протестите „Еден од пет милиони“. „Радар“ оценува дека актуелните случувања укажуваат на сериозни системски проблеми во Агенцијата и потреба од темелна реформа.






