Нашето достоинство не е точка за преговори

Почитувани читатели,
Низ животот и работен век поминав многу години живеејќи и патувајќи низ светот. Стопанството е мојот животен порив и мојата свесна определба. Но, тоа никогаш не значело дека сум рамнодушен кон спортот, културата, уметноста, музиката или политиката. Напротив тие се мојата љубов и пасија. Ја сакам музиката. Ги сакам спортот, уметноста, историјата, а најмногу од сè, сакам здрава иднина за себе како Македонец и за поколенијата што допрва доаѓаат во нашата заедничка татковина. Токму затоа ме загрижува перфидно наметнатиот политички проблем дека нашата национална посебност мора постојано да се докажува и брани.
Историјата ја доживувам како наследство од нашите предци, како извор на релевантни податоци, неисцрпен извор на поуки и мудрости. Не случајно историјата ја нарекуваме учителка на сите науки! Историјата треба да ни помогне да разбереме по кој пат да продолжиме и кои грешки не смееме да ги повториме. Повторувањето е мајка на знаењето, но повторувањето на исти грешки е незнаење.
Сакам да бидам сосема јасен дека никогаш не сум бил националист, ниту имам намера да бидам. Го почитувам правото на секој човек на избор сопствена национална и верска припадност. Истото право го барам за себе и за моите Македонци. Не бараме повеќе права од другите туку исто право да бидеме тоа што сме. За жал, балканската стварност премногу често покажува колку тешко ја учиме таа едноставна лекција. Балканот со векови го нарекуваат „буре барут”. Времето поминува, а ние сè уште не успеваме да изградиме заедничка иднина ослободена од омраза и реваншизам. Мала искра на омраза прави огромна експлозија од недоразбирања и колатерални штети.
Изминатите два века, Македонците премногу често биле примамливи како народ што може да се присвои или асимилира. Ова прашање за мене воопшто не е само минато или апстракција. Имам блиски роднински врски со луѓе кои денес живеат како Грци, Бугари, Срби, Хрвати или Албанци. Животните околности ги преобликувале нивните чувства и избори. Не ги осудувам роднините што не се чувствуваат како Македонци. Барам само и нашиот избор, нашето чувство и нашата посебност како Македонци да бидат исто така почитувани. Имам чувство дека сме малцинство во сопствената држава.
Историјата нè учи дека економската развиеност и културното наследство сами по себе не гарантираат опстанок. Картагина исчезнала по судирот со Рим. Константинопол, голем центар на културата и животот, паднал под османлиска власт. Светот се менува, силите се менуваат, а народите што сакаат иднина мора да знаат што им е суштински важно.
Денес живееме во време на длабока меѓународна неизвесност. Гледаме политички потреси, војни и разидувања меѓу држави што ги сметавме за блиски сојузници. Случувањата околу Иран уште еднаш покажаа колку силно едно општество може да се држи до својата историја, култура и чувство на припадност, дури и под огромен надворешен притисок. А каде е Македонија во сето ова?
Нашата земја е на крстопат. Сакаме членство во Европската Унија и перспектива за младите. Но, барањето Бугарите да бидат внесени во нашиот Устав го доживувам како длабоко чувствително прашање сè додека не постои јасно почитување на македонската национална, јазична, културна и историска посебност. Токму затоа не можам да ја разберам подготвеноста на денешната опозиција, предводена од СДСМ, тоа прашање да го затвори по секоја цена. Отворено прашувам: каде е нивната одговорност кон чувствата и загриженоста на сопствениот народ?
Мојата загриженост не завршува со евентуалното отворање на преговорите. Ако основните прашања во односите со соседите останат нерешени, тие може повторно и повторно да се појавуваат со ултиматуми на нашиот европски пат. Членството во ЕУ треба да отвори иднина, а не да остави траен сомнеж околу нашиот идентитет.
Исланд е пример дека една држава може да процени дека одреден интерес ѝ е толку важен што не сака да го стави под ризик во процесот на пристапување кон ЕУ. Кај нас, пак, прашањето што го поставувам не е само економско. Се однесува на достоинството и на правото на еден народ неговата посебност да биде почитувана.Тоа не е повик против нашите соседи. Напротив: верувам дека Балканот може да биде многу попросперитетен кога народите меѓусебно ќе се прифатат такви какви што се. Добрососедството почнува таму каде што завршува оспорувањето на соседот. Почитта мора да биде основата врз која ќе ги градиме и соседските односи и нашата европска иднина. Пораката до Владата е јасна, треба да продолжите решително да ја застапувате Македонија пред светската јавност, бранете ја нашата перспектива во ЕУ, но барајте и недвосмислена почит кон македонската национална, јазична, културна и историска посебност.
Нашата иднина не се брани со омраза кон другите, туку со јасна почит кон самите себе. Можеме да подадеме рака за соработка, да преговараме и да градиме мостови. Но, правото да кажеме кои сме не смее да биде скапа цена за туѓи амбиции. Историјата е на наша страна, политиката не може и не смее да ја менува.






