ТАЛОГ И КОНТРАТАЛОГ
И кога си нападнат одвнатре што правиш? Запишуваш брз курс по германски јазик, земаш бугарски пасош и бегаш.
Што има разлика помеѓу изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од денеска и од таа лани ова време? Има разлика во фразите. Лани викаше: „Топката е во вашиот двор“. Сега вика: „Треба да го направите клучниот чекор“.
Разликата е и во тоа што до руската инвазија на Украина на Европската Унија баш ѝ беше гајле за Западен Балкан. Ние сакавме да влеземе, тие не нѐ сакаа. Сега кога се исплашени од Русија, па и од Кина (влијанието на Турција уште не го сфаќаат сериозно), ЕУ сака да нѐ внесе, ама не знае како на нив да им биде полесно.
Тоа секако треба да го искористи македонската влада.
Ама, дали сака?
Две години откако Христијан Мицкоски е дојден на власт секој ден дома го слушаме истото, па истото: предавници, изроди, свиткана кичма, мекотели, лижачи на чевли, талог на општеството…
Две години надвор ги повторува истите аргументи: име сменивме, знаме сменивме, пари сме смениле, ние испорачуваме реформи, сега е редот на ЕУ да обезбеди фер процес без нови условувања…
Мицкоски, кога дојде на власт пред две години, дојде без план за деблокада на евринтеграциите. Ветуваше дека ќе испреговара нова преговарачка рамка со ЕУ. Ветуваше и дека ќе го врати името. И покрај сите убави бројки од статистиките со кои се фали, квалитетот на живот во Исланд и во Македонија не се споредува.
И по две години, уште се бавиме со „зошто го сменивме името, зошто го сменивме знамето?“ Готова е таа работа. Решен е историски спор, затворено е прашањето во Обединетите Нации, влеговме во НАТО, одиме понатаму со животот. Има ли намера оваа Влада да нѐ води напред? Или главниот план ѝ е да чекаме да се распадне ЕУ?
Ако Мицкоски навистина сака да го деблокира пристапниот процес кон ЕУ, ако постојано вели дека членството во ЕУ е врвен државен интерес, тогаш треба да обезбеди широк општествен консензус во земјава. И да работи на тоа. А штом и по две години нема што да понуди на темата евроинтеграции, ништо не му остана, освен платформа за внатрешен раздор.
И кога власт и опозиција немаат исто мислење што ни е државен интерес, нам што ни останува – талог и контраталог. И со тоа да се бавиме уште следниве триесет години.
Ќе чекаме ли и НАТО да се распадне?
На првиот академски час на државниот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, премиерот им рече на бруцошите дека и да отидат во странство, треба да се вратат дома. Затоа што, тоа што го гледаат на социјалните мрежи не е вистинскиот живот.
Видете што ни е убаво тука. Зошто одите во странство?
Па зарем објавите на социјалните мрежи на претставниците на власта, од централно до локално ниво, имаат врска со вистинскиот живот? Уште и ги спонзоираат како реклами со наши пари. Нѐ убедуваат дека реалноста е различна од тоа што го гледаме само што ќе излеземе од куќниот праг.
На социјалните медиуми убавини на секој чекор. А во реалниот живот распад на секој чекор.
Навистина, соочени сме со секојдневни непријателски потези на Бугарија, со нефер однос на Европската Унија, со руска пропаганда што се шири преку Србија… Ама сето тоа е ништо во однос на непријателството со кое македонските граѓани се соочуваат во секојдневниот живот дома, од непосредното маало во кое живеат па до највисоките државни органи. Па ние, луѓе, сме нападнати одвнатре. Од силеџии поддржани од власта, од корумпирани шефчиња поставени од партијата, од неспособни раководители кои не се мешаат во својата работа затоа што и не знаат што им е работа, од неписмени подлизурковци кои одговараат само пред шефот на партискиот огранок кој е уште понеписмен од нив, ама добро стои со централата.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






