(ВИДЕО) Дарко Василевски: Или ќе заминам како вработен или ќе ме однесат со Брза помош
-Или ќе заминам како вработен или ќе ме однесат со Брза помош – категоричен е Дарко Василевски, лекарот кој почна штрајк со глад пред Деканатот на медицинскиот факултет во Скопје. По трет пат бил одбиен од јавен оглас за работа во неговата струка поради, како што вели, неговата возраст. Од Медицинскиот факултет ги демантираат неговите тврдења.
Докторот и приватен специјализант Дарко Василевски, објави дека бил одбиен на неколку јавни огласи за вработување и бил дискриминиран по однос на неговата возраст, денеска го започна најавениот штрајк со глад. Вели дека одлуката не била лесна, но дека ја донел по 15-дневен молк од надлежните институции.
Медицинскиот факултет се огласи и наведе дека постапката за вработување на доктори по медицина била објективна и транспарентна и во ниту една фаза, Василевски не бил доведен во понеповолна положба од останатите кандидати. Реакцијата на факултетот ја пренесуваме во целост:
„Во врска со објавениот јавен оглас…за засновање на работен однос на 4 (четири) доктори по медицина од кои 2 (два) извршители за Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија, Ве известуваме за следното:
Постапките за вработување на доктори по медицина, Факултетот ги спроведува врз основа на Законот за високото образование, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за работните односи. Јавниот оглас беше спроведен од страна на Комисија за селекција на кандидати составена од тројца реномирани професори на Медицинскиот факултет во Скопје, воедно раководители на Институтите на факултетот, каде се вработуваа докторите по медицина.
Комисијата за селекција ги провери доставените документи на пријавените вкупно седум кандидати за работното место на кое конкурираше и кандидатот доктор Дарко Василевски и утврди дека истите се уредни пријави.
Со сите пријавени кандидати комисијата спроведе интервју.
По спроведеното интервју, Комисијата за селекција предложи два кандидата кои ги исполнуваат општите и посебните услови за засновање на работен однос со Факултетот.
Постапката за вработување која ја спроведе Медицинскиот факултет во Скопје, беше објективна и транспарентна и во ниту една фаза доктор Дарко Василевски не беше доведен во понеповолна положба од останатите кандидати.
Особено нагласуваме дека избраните кандидати се далеку подобро рангирани по основ на постигнатиот успех од формалното образование и резултатите од интервјуто“, стои во соопштението од Медицинскиот факултет.
Во соопштението од Медицинскиот факултет се нагласува дека доктор Дарко Василевски бил уредно известен за исходот од постапката односно кои кандидати се избрани со цел засновање работен однос.
„Доколку кандидатот доктор Дарко Василевски смета дека некое право од постапката за вработување му е ускратено истиот своите права може да ги оствари пред надлежните институции“, се вели во соопштението од Медицинскиот факултет.






