Грлиќ Радман од Морињ: Имотот од 2,7 милијарди долари и заштитата на Хрватите се услов за ЕУ-интеграцијата на Црна Гора

Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, денеска изјави дека училишниот брод „Јадран“ не е единствениот имот што Хрватска го бара од Црна Гора и додаде дека официјален Загреб располага со комплетна документација со која се докажува дека станува збор за имот вреден повеќе од 2,7 милијарди долари.
Грлиќ Радман учествуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите од Берлинскиот процес во Пржно, а заедно со потпретседателот на владата и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ, и европската комесарка за проширување, Марта Кос, положи венци кај спомен-плочата на хрватските затвореници во поранешниот логор Морињ.
На состанокот на Берлинскиот процес, хрватскиот министер ја истакна важноста на регионалната соработка, економската интеграција, енергетската безбедност и спроведувањето на реформите на патот на државите од Западен Балкан кон Европската Унија. Тој нагласи дека добрососедските односи, помирувањето, владеењето на правото и почитувањето на правосилните пресуди се важен дел од веродостојниот европски пат на регионот.
За време на престојот во Морињ, Грлиќ Радман порача дека на сите жртви им должиме траен пиетет, но и решителност за негување култура на сеќавање заснована врз вистината за она што се случило, јасна осуда на злосторствата и почитување на сите жртви. Тој ја истакна важноста на спомен-плочата во Морињ и на нејзиниот текст, кој јасно сведочи за страдањата на затворениците, нагласувајќи дека признавањето на фактите и соочувањето со минатото се неопходни за вистинско помирување.
Шефот на хрватската дипломатијат изјави на новинарите дека Хрватска поседува интерактивни мапи и документи што покажуваат каква била состојбата во Хрватска на 31 мај 1990 година, а каква била една година подоцна.
– Тогаш имавме околу 207 пловни објекти во Хрватска и околу 30 во Црна Гора, а една година подоцна ситуацијата беше обратна – 207 во Црна Гора, а околу 30 во Хрватска – рече Грлиќ Радман.
Тој додаде дека Хрватска располага со прецизни податоци за исчезнатиот имот, кој вклучува воени бродови, подморници и цела воена болница.
– Многу пловни објекти исчезнаа под закрилата на ноќта. На пример, една подморница си најде пат од една во друга држава, а ист беше случајот и со воената болница. Ние имаме сè евидентирано и станува збор за имот вреден повеќе од 2,7 милијарди долари – изјави Грлиќ Радман.
Хрватскиот министер исто така предупреди дека глорификацијата на воените злосторници не е во согласност со европските вредности, алудирајќи на неодамнешниот случај кога претседателот на црногорскиот Парламент, Андрија Мандиќ, му изрази сочувство на семејството на Ратко Младиќ.
– Величањето на воените злосторници е неспојиво со европските вредности. Ратко Младиќ го започна својот крвав пат во Хрватска – сетете се на Шкабрња, Книн, нападот врз Шибеник. Тоа не е помирување и тоа не придонесува за стабилноста на регионот – порача Грлиќ Радман.
Тој посочи дека е неспорно оти Хрватска ја поддржува Црна Гора во европските интеграции, но истакна дека има чувство оти одредени преговарачки поглавја се затвораат премногу брзо.
– Поглавјата не можат да се затвораат едноставно така, само затоа што постојат некакви геополитички причини. Тука мора прецизно да се види за што станува збор. И кај Поглавјето 14 треба да се утврдат вистинските причини и да се влезе во суштината. Не е поентата само формално да се затвори поглавјето, туку тоа добро да се проучи. Тоа е нашата препорака и до сите останати – изјави Грлиќ Радман.
На прашањето дали статусот на хрватската заедница во Црна Гора ќе влијае врз евентуално блокаде на европскиот пат на Подгорица, Грлиќ Радман одговори дека не станува збор за блокирање, туку за потреба да се исполнат суштинските прашања од владеењето на правото и заштитата на човековите и малцинските права.
– Кај нас тоа секогаш е првостепено прашање – положбата на хрватскиот народ во Црна Гора. Истакнуваме дека имаме чувство оти хрватскиот идентитет овде полека и многу дискретно се гаси. Еве еден свеж пример: при промоцијата на Добротската чипка, воопшто не се споменува дека таа има хрватско потекло. Жените кои првични ја изработувале таа чипка биле Хрватки, а подоцна ја правеле и Србинки и Црногорки. Меѓутоа, кога се претставува значењето на ова културно наследство, хрватското потекло едноставно се изоставува. На кого му пречи тоа? Признавањето на тие факти само би придонесло за подобро чувство кај Хрватите овде, за да се чувствуваат дека се свои на своето. Покрај тоа, во туристичките заедници има водичи кои воопшто не ги споменуваат црквите кои се католички или премолчуваат за спомениците што се хрватско наследство, а тоа не е добро – нагласи тој.
Грлиќ Радман исто така истакна дека Поглавјето 23 директно го третира прашањето на реституцијата и дека Хрватска ќе инсистира на враќање на одземениот имот на Хрватите во Црна Гора, исто онака како што со посебни закони претходно им беше вратен имотот на Албанците и на Србите во таа земја.
– Имотот им бил одземан на сите, но ако на сите им е вратен, а само на Хрватите не, тогаш тоа испраќа одредена порака – заклучи хрватскиот министер.
Црногорскиот министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ, изјави дека Црна Гора уште еднаш испраќа јасна порака дека не ги поддржува политиките од деведесеттите години, ниту политиките на деструкција, војна и несреќи.
– Денеска од овде испраќаме порака дека Црна Гора е подготвена целосно да се соочи со минатото и дека сакаме да градиме општество врз основа на вистината и правдата. Поднакво ги цениме сите страдања на луѓето кои поминаа низ овој поранешен логор во Морињ, но и низ цела поранешна Југославија – рече Ибрахимовиќ, додавајќи дека Црна Гора очекува и останатите држави од регионот да имаат ист однос кога се во прашање црногорските граѓани кои доживеале слични судбини.
Комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, оцени дека заедничкото сеќавање е клучен чекор на патот кон помирување во регионот.
„Кога соседите ќе се соберат заедно за да се потсетат на болните настани од минатото, тие го отвораат патот кон заедничка иднина. Токму помирувањето беше поставено во самите темели на европските интеграции по Втората светска војна“, порача Кос.






