Филипче: Нема да седам мирен кога е загрозена државата


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во пресрет на утрешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека нема да седи мирен „кога е загрозена државата“ и обвини дека премиерот и Владата се однесуваат крајно незаинтересирано кон европскиот пат на државата.

Тој посочи дека Македонија ризикува да остане изолирана во момент кога други земји од регионот напредуваат кон членство во Европската Унија.

-Мицкоски нема никакво право да ни го запре европскиот пат. Од 91 година се бориме за тој пат и тоа е стратешкиот правец за државата. Што ќе правиме сега, еве, Црна Гора и Албанија стануваат земји членки на ЕУ? Молдавија и Украина? Останавме ние со Косово и Србија и Босна. Таму ли ни е местото? Лидери бевме во регионот. И што направи Христијан? Нели ветуваше подобра преговарачка позиција? Што направи? Ништо- посочи Филипче во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Нагласи дека две години наназад укажуваат дека оваа Влада е антиевропска и дека работи спротивно не само на нашите интереси, туку и на интересите на Европската Унија.

-Како може вака ноншалантно да се однесуваат и премиерот и Владата, во пресрет на посетата на Урсула фон дер Лајен, кога четири земји добиваат јасен патоказ дека до 2030 година ќе станат земји членки на Европската Унија, а ние седиме така. И премиерот глуми патриот. Граѓаните треба да бидат свесни дека ова е крај на патот. Завршува приказната со Европа тука кај нас. Со оваа политика следуваат децении на сиромаштија, на иселување на младите, децении на изолација, на чекање на граница, на веројатно вадење бугарски пасоши- предупреди Филипче.

Истакна дека се потврдија и предупредувањата на СДСМ изминатите две години за српското и унгарското влијание во земјата, како и за унгарскиот кредит преку кој влегуваат кинески пари и посочи дека ЕУ знае за влијанието на власта врз медиумите.

-Зарем мислите дека Урсула фон дер Лајен не знае дека премиерот тука ги контролира медиумите? Над 40 отсто унгарски медиуми, сопственици, пријатели на Виктор Орбан? Вие мислите дека Фон дер Лајен не знае дека противзаконски, регистрирани српски медиуми, тука имаат дозвола за работа- рече Филипче.

Back to top button
Close