РКЕ разгледува нов модел за евтина тарифа на струјата
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува анализа на постојниот моделна блок-тарифи и евтината тарифа за електрична енергија, а можни се промени во периодите во кои домаќинствата плаќаат пониска цена.

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ информираше дека конечна одлука сè уште нема, бидејќи Комисијата ги очекува податоците и барањата од енергетските компании за следниот тригодишен регулиран период.
Според него, еден од клучните проблеми е што постојниот модел е создаден во услови на енергетска криза, кога електричната енергија била најскапа во текот на денот.Во меѓувреме, со масовното производство од фотоволтаични централи, состојбата на пазарот значително се промени.
„Имаме евтина енергија преку ден, кога има хиперпродукција од фотоволтаиците, а навечер, кога ги нема, електричната енергија може да биде поскапа“, посочува Ристов.
РКЕ размислува дали сегашниот распоред на евтината тарифа треба да се приспособи на новата енергетска реалност. Како можност се разгледува и проширување на евтината тарифа во одредени периоди од викендот, кога потрошувачката на индустријата е помала, а на пазарот може да има вишок електрична енергија.
Дигитална платформа за следење на производството и потрошувачката
РКЕ планира дигитална платформа за прибирање податоци од енергетскиот систем во реално или блиску до реално време. Целта е Комисијата да добива подетална слика за производството и потрошувачката на електрична енергијаи врз основа на тоа да носи одлуки за тарифите.
Ристов вели дека досегашниот начин на прибирање податоци, месечно, полугодишно или годишно, не е доволен за сериозни анализи.
„Нас не ни треба дневен податок. Ни треба 24 часа, на секои 15 минути, да имаме график и да знаеме што ни се случува“, објаснува Ристов за 4ТВ
Платформата би требало да ги опфати различните извори на производство, вклучувајќи фотоволтаици, ветерни централи, термоелектрани, хидроцентрали и увоз на електрична енергија, но и структурата на потрошувачката. Ваквата база на податоци би можела да се користи не само за регулаторни анализи, туку и за предвидувања, креирање стратегии и истражувања.
РКЕ најавува воведување паметни броила
Во Северна Македонија со месеци наназад се најавува процес на воведување паметни броила. Последните информации се дека РКЕ подготвува извештај до Владата, по кој би требало да започне постапка за набавка и воведување смарт броила во целата држава.
Паметните броила би им овозможиле на домаќинствата попрецизно да ја следат потрошувачката и цената на електричната енергија во различни периоди. Технологијата би била особено значајна во услови кога се менува производството од обновливи извори и кога тарифите би можеле повеќе да зависат од времето на потрошувачката.
На долг рок, паметните броила би можеле да бидат дел и од поширок систем во кој домаќинствата со фотоволтаици, батерии и електрични автомобили ќе можат поефикасно да управуваат со сопствената енергија.
Левица бара реформа: предлог за зимски и летен тарифен систем
Во С. Македонија, струјата е евтина само ако се гледа номиналната цена изразена во евра, но кога цената на електричната енергија ќе се спореди со куповната моќ на населението, товарот за граѓаните е значително поголем, оценуваат од Левица.
Партијата смета дека тарифните блокови треба да останат во сила, но со проширување на временскиот опсег на евтината тарифа за електрична енергија. Според нив, тоа би овозможило поевтината струја реално да биде достапна за поголем број домаќинства.
Левица предлага и воведување повеќетарифен систем со зимски и летен режим, како и повеќе часовни блокови за тарифирање. Дополнително, бара воведување таканаречена сончева тарифа, која, според партијата, треба да овозможи подобро усогласување на производството и потрошувачката на електрична енергија, поефикасно искористување на сончевите вишоци и намалување на сметките за граѓаните.
Од партијата исто така бараат зголемување на интервалот за евтина тарифа и оценуваат дека енергетиката треба да биде стратешки сектор насочен кон обезбедување достапна електрична енергија и заштита на животниот стандард. (Dw)






