Перински: Не го скратуваме правото на боледување – измените предвидуваат и олеснувања

Перински појаснува дека петтиот ден не претставува максимално времетраење на боледувањето, туку момент од кој, доколку боледувањето продолжува, се применуваат дополнителни медицински критериуми.
Тој појаснува дека петтиот ден не е максимално времетраење на боледувањето. Доколку пациентот има медицинска потреба, боледувањето може да трае 10, 20, 30 дена или подолго.
– Правото на боледување не се скратува, а матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот, посочува Перински.
Перински нагласува дека дополнителна дијагностика нема да биде задолжителна за секој пациент и секоја дијагноза. Кај дел од дијагнозите проценката ќе остане кај матичниот лекар, без задолжително лабораториско испитување.
– Не би сакал целата реформа да ја сведеме на споредбата „седум или пет дена“. Клучната бројка е 15 – и тука нема промена, посочува директорот на ФЗО.
Тој вели дека измените се подготвувале во текот на цела година во работна група на Фондот и Министерството за здравство, а дел од постојните критериуми потекнуваат од 2012 година.
– Пораното дијагностицирање понекогаш може да значи и порано откривање на посериозна здравствена состојба. Нашата логика не е пациентот порано да го вратиме на работа. Логиката е, ако не се чувствува подобро, порано да утврдиме зошто не се чувствува подобро, истакнува Перински.
Предложените измени предвидуваат и олеснувања, меѓу кои помалку непотребни лабораториски испитувања кај одредени дијагнози, проширување на временските рамки кај дел од случаите и дигитализација на постапката по 15. ден преку електронски ПСР-образец.
Се проширува и кругот на случаи во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено за тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, како и за лица на болничко лекување.
Во однос на најавените контроли во домовите, Перински вели дека пациентите на боледување нема да мора постојано да бидат дома.
– Апсолутно не. Тоа би било и медицински нелогично, вели тој, додавајќи дека контролата ќе треба да се поврзе со конкретната здравствена состојба и препораките од лекарот – вели тој.






