САД со нови санкции против мрежа за финансирање на Хамас

Соединетите Американски Држави денеска воведоа дополнителни санкции против мрежа за финансирање на палестинското исламистичко движење Хамас, соопшти американското Министерство за финансии.
Санкциите се насочени против Салим Абдалах Салим ал Зак, заменик-командант на баталјон на военото крило на Хамас – Бригадите „Изедин ал Касам“, две физички лица кои собирале финансиски средства во Франција и две правни лица, се наведува во соопштението.
Ал Зак, според соопштението на американското Министерство за финансии, управува со финансиската мрежа на групата, која користи различни услуги за трансфер на пари и за паричници за криптовалути.
Преку оваа мрежа, санкциите откриваат сложена финансиска структура која функционирала со години и која преку измамнички хуманитарни организации и канали за криптовалути му обезбедила на Хамас повеќе од два милиона долари.
„Тоа ја покажува постојаната способност на групата да ги приспособува механизмите за обезбедување финансиски средства во обид да избегне нивно откривање“, се наведува во соопштението од Министерството за финансии на САД.






