Шпанскиот парламент ги отфрли уредбите за домување: Загрозена Владата на Санчез, се шпекулира за предвремени избори


Малцинската влада на шпанскиот премиер Педро Санчез се соочува со продлабочување на политичката криза откако шпанскиот парламент ги отфрли двете уредби за справување со недостигот на станови, зголемените кирии и иселувањата, а гласањето ги поттикна и шпекулациите за можни предвремени избори во земјата, јави ДПА.

Првата уредба беше отфрлена со 178 гласа против, од вкупно 350 пратеници во парламентот, додека втората уредба не доби поддршка од 184 пратеници. На поименичното гласање, против мерките гласаа десноцентристичката Народна партија (ПП), деснопопулистичката „Вокс“, конзервативната каталонска сепаратистичка партија „Хунтс“ и уште двајца пратеници.

На Владата на Санчез ѝ е исклучително тешко да обезбеди парламентарна поддршка за своите иницијативи откако „Хунтс“ (Junts per Catalunya/Заедно за Каталонија) , која располага со седум пратеници, ја повлече својата поддршка пред речиси една година.

Премиерот Санчез лично се вклучи во парламентарната расправа и ги повика пратениците да гласаат за уредбите за да се спречи, како што рече, штета за општеството.

Министерката за домување Изабел Родригез ги бранеше мерките пред пратениците, оценувајќи дека гласањето е прашање на тоа дали некој е на страната на граѓаните или на страната на шпекулативните инвестициски фондови кои шпекулираат со недвижности.

„Ова е моментот на вистината“, истакна Родригез, повторувајќи ја изјавата на Санчез која ги поттикна шпекулациите за предвремени избори, иако следните редовни парламентарни избори во Шпанија треба да се одржат до август 2027 година.

Шпанската влада во вторникот го усвои овој сеопфатен пакет-мерки по големото незадоволство во јавноста предизвикано од случајот со иселувањето на 87-годишна жена, што доведе до масовни протести низ земјата.

Предлог-мерките опфаќаа продолжување на заштитата од иселување, построга регулација на договорите за закуп и забрана за купување станови од страна на шпекулативните фондови до 2028 година, како и даночни олеснувања за закупците и сопствениците. Со втората уредба, исто така, беше предвидено и двегодишно продолжување на постојните договори за закуп што истекуваат до крајот на 2028 година.

Кризата на шпанскиот пазар на недвижности е последица на зголемената побарувачка и има повеќе причини. Според податоците на Националниот завод за статистика (ИНЕ), бројот на жители на Шпанија од 2015 година се зголемил за три милиони, односно за седум проценти. Покрај тоа, значително расте и бројот на туристи, па така од 2018 година досега бројот на ноќевања во сместувачките објекти за одмор е двојно зголемен, објави мадридскиот дневен весник „Ел Паис“.

Back to top button
Close