Бран кражби низ Германија поради високи цени на горивата; Илјадници литри дизел исчезнуваат од градилишта

Поскапувањето на горивата во Германија предизвика бран кражби на дизел, особено од градилишта, цистерни и камиони, соопшти германската полиција.
Билд објави дека во последните неколку дена се пријавени инциденти во Долна Саксонија, Хесен и Баден-Виртемберг, во кои непознати лица украле илјадници литри гориво.
Само во Бисендорф, од градилиште исчезнале 3.000 литри дизел, а во Швалм-Едер повеќе од 1.500 литри од резервоари и градежна опрема.
Полицијата изјави дека мотивот за кражбите е поврзан со високите цени на горивата. Литар дизел во оваа европска земја чини 2,16 евра, што е зголемување од 46 центи од почетокот на војната на Блискиот Исток.
Инцидентите не се случуваат само на градилиштата. „Билд“ пишува дека неколку илјади литри биле украдени од индустриски возила и магацини во Равенсбург и Улм, додека возачи на камиони во Мехерних изгубиле 1.600 литри дизел додека спиеле.
Портпаролката на полицијата смета дека бројот на вакви кражби е невообичаен.
„Потребни се сериозни напори за да се спречат слични случаи во иднина“, заклучи таа.






