Возачи на камиони од БиХ утрово го блокираат товарниот сообраќај на неколку гранични премини во земјата
Возачи на камиони од Босна и Херцеговина, собрани во конзорциумот „Логистика“, утрово, согласно најавите, почнаа да го блокираат товарниот сообраќај на неколку гранични премини во земјата. На граничниот премин Свилај веќе е формирана колона товарни возила долга околу километар и половина, а движењето на стока е прекинато, јавуваат босанските медиуми.

Камионите се паркирани покрај патот, со што се запира движењето на стока, додека патничките возила засега поминуваат без прекин.
Организаторите очекуваат дека на граничните премини низ целата земја ќе се соберат околу 200 камиони, а сè уште се собираат информации за тоа на кои премини ќе биде блокиран сообраќајот. Организаторите на протестот кај Свилај најавија дека во следните два часа ќе објават какви конкретни понатамошни чекори планираат да преземат.
Превозниците на товари со камиони истакнуваат дека биле принудени на овој потег поради, како што тврдат, дискриминаторските правила што го ограничуваат нивниот престој во Шенген зоната на 90 дена. По тој период, тие се соочуваат со забрани за влез, иако ги имаат сите потребни дозволи и лиценци за работа. Тие нагласуваат дека не престојуваат во ЕУ туку се само во транзит.
Покрај промената на правилата за престој во ЕУ, превозниците бараат и конкретни економски мерки од домашните институции. Меѓу нив се враќање на дел од акцизата за гориво, враќање на ДДВ за меѓународен транспорт и спроведување на претходно договорени заклучоци што би ги забрзале процедурите и би го намалиле времето на чекање на границите.






