Благодарение на Газа, европската филозофија е разоткриена како етички банкротирана
ОД ХАЈДЕГЕР ДО ХАБЕРМАС СТРАДАЊЕТО НА „ДРУГИОТ“ Е ОД МАЛО ЗНАЧЕЊЕ
Хамид Дабаши
Замислете дека Иран, Сирија, Либан или Турција – со целосна поддршка, оружје и дипломатска заштита од Русија и Кина – имаат волја и средства да го бомбардираат Тел Авив три месеци, дење и ноќе, да убијат десетици илјади Израелци, да осакатат безброј, да остават милиони бездомници, и да го претворат градот во куп ненаселливи урнатини, како Газа денес.

Само помислете на тоа неколку секунди: Иран и неговите сојузници намерно ги таргетираат населените области во Тел Авив, болниците, синагогите, училиштата, универзитетите, библиотеките – или кое било населено место – за да обезбедат максимални цивилни жртви. Тие би му кажале на светот дека го бараат само израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот воен кабинет.
Запрашајте се што би направиле САД, Велика Британија, ЕУ, Канада, Австралија, а особено Германија во рок од 24 часа од почетокот на ова измислено сценарио.
Сега вратете се во реалноста и земете го предвид фактот дека од 7 октомври (и децении пред тој датум), западните сојузници на Тел Авив не само што беа сведоци на она што Израел му го направи на палестинскиот народ, туку и го снабдуваа со воена опрема, бомби, муниција и дипломатско известување, додека американските медиуми нудеа идеолошки оправдувања за колењето и геноцидот врз Палестинците.
Споменатото измислено сценарио не би било толерирано од постојниот светски поредок ниту еден ден. Со воената поддршка на САД, Европа, Австралија и Канада целосно зад Израел, ние, беспомошните луѓе во светот, исто како и Палестинците, не би биле земени предвид. Ова не е само политичка реалност; таа е релевантна и за моралниот имагинарен и филозофски универзум на она што се нарекува себеси „Запад“.
Оние од нас надвор од европската сфера на морална имагинација не постојат во нивниот филозофски универзум. Арапите, Иранците и муслиманите; или луѓето во Азија, Африка и Латинска Америка – за европските филозофи ние немаме онтолошка реалност, освен како метафизичка закана што треба да се освои и замолчи.
Почнувајќи од Имануел Кант и Георг Вилхелм Фридрих Хегел, па сè до Емануел Левинас и Славој Жижек, ние сме необичности, нешта, спознатливи објекти што ориенталистите имале задача да ги дешифрираат. Како такви, убиството на десетици илјади од нас од страна на Израел, или САД и нивните европски сојузници, не предизвикува ни најмала пауза во мислите на европските филозофи.
Европската племенска публика
Ако се сомневате во тоа, само погледнете го водечкиот европски филозоф Јирген Хабермас и неколку негови колеги, кои во зачудувачки бездушен чин на сурова вулгарност го поддржаа колежот на Палестинците од страна на Израел. Прашањето повеќе не е што би можеле да мислиме за Хабермас, кој сега има 94 години (кој во меѓувреме почина м.з.), како човечко суштество. Прашањето е што би можеле да мислиме за него како општествен научник, филозоф и критички мислител. Дали она што тој го мислел е воопшто важно за светот, ако воопшто некогаш и било важно?
Светот поставува слични прашања за друг важен германски филозоф, Мартин Хајдегер, во светлината на неговите погубни врски со нацизмот. Според мене, сега мора да поставиме вакви прашања за насилниот ционизам на Хабермас и значајните последици за она што би можеле да го мислиме за целиот негов филозофски проект?
Хабермас нема трунка простор во својата морална имагинација за луѓе како Палестинците, дали имаме причина да го сметаме целиот негов филозофски проект на кој било начин поврзан со остатокот од човештвото – надвор од неговата непосредна племенска европска публика?
Во отворено писмо до Хабермас, истакнатиот ирански социолог Асеф Бајат рече дека тој „се спротивставува на сопствените идеи“ кога станува збор за ситуацијата во Газа. Со сето должно почитување, не се согласувам. Верувам дека непочитувањето на Хабермас кон животите на Палестинците е целосно во согласност со неговиот ционизам. Тоа е совршено во согласност со светоглед во кој неевропјаните не се целосно луѓе или се „човечки животни“, како што отворено изјави израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант.
Во своето непочитување на животите на Палестинците, ционизмот на Хабермас се придружи на нацизмот на Хајдегер.
Ова целосно непочитување на Палестинците е длабоко вкоренето во германската и европската филозофска имагинација. Општо е прифатено дека Германците развиле силна посветеност на Израел од вина за Холокаустот.
Но, за остатокот од светот, како што сега докажува величествениот документ што го презентираше Јужна Африка пред Меѓународниот суд на правдата, постои совршена кореспонденција помеѓу она што Германија го направи за време на својата нацистичка ера и она што го прави сега за време на својата ционистичка ера.
Верувам дека ставот на Хабермас е во согласност со германската државна политика за учество во ционистичкиот масакр врз Палестинците. Исто така, тој е во согласност со она што се смета за „германска левица“, со нивната подеднакво расистичка, исламофобична и ксенофобична омраза кон Арапите и муслиманите и нивната целосна поддршка за геноцидните акти на израелската колонија.
Морална изопштеност
Обвинувањето за евроцентризам што постојано се упатува против концепцијата на светот на европските филозофи не се базира само на епистемолошка грешка во нивното размислување. Тоа е постојан знак на морална расипаност. Во неколку наврати во минатото, посочив на неизлечивиот расизам во сржта на европската филозофска мисла и нејзините најпознати претставници денес.
Оваа морална изопштеност не е само политичка грешка или идеолошка слепа точка. Таа е длабоко врежана во нивната филозофска имагинација, која останува неизлечиво племенска.
Светот се разбуди од лажниот сон за европската етнофилозофија. Денес, ова ослободување го должиме на страдањето на народи како Палестинците.
Тука мора да ја повториме познатата изјава на познатиот мартиникански поет Аиме Сезер: „Да, би било вредно клинички и темелно да се проучат чекорите што ги презедоа Хитлер и хитлеризмот и да и се открие на многу почитуваната, многу хуманистичка, многу христијанска буржоазија од 20 век дека, без да биде свесна за тоа, го има Хитлер во себе, дека Хитлер престојува во неа, дека Хитлер е нејзиниот демон, дека ако се побуни против него е недоследна и дека, во основа, она што не може да му го прости на Хитлер не е самото злосторство, злосторството против човекот, не е понижувањето на човекот како таков, туку злосторството против белиот човек, понижувањето на белиот човек и фактот дека тој применил во Европа колонијални практики кои дотогаш биле резервирани исклучиво за [арапските, индиските и африканските народи].“
Палестина денес е продолжение на колонијалните злосторства што Сезер ги цитира во овој пасус. Хабермас се чини дека не е свесен дека неговото одобрување на колежот на Палестинците е целосно во согласност со она што го правеле неговите предци во Намибија за време на геноцидите на Хереро и Намаке. Како ноеви, германските филозофи ги закопаа главите во своите европски заблуди, мислејќи дека светот не ги гледа такви какви што се.
На крајот на краиштата, според мене, Хабермас не кажа ниту направи нeшто изненадувачко или контрадикторно; токму спротивното. Тој беше целосно во согласност со неизлечивиот трибализам на неговата филозофска позадина, кој лажно претпоставува универзална позиција.
Светот сега е ослободен од тоа лажно чувство за универзалност. Филозофите како В.Ј. Мудимбе во Демократска Република Конго, Валтер Мињола или Енрике Дисел во Аргентина, или Којин Каратани во Јапонија имаат многу повеќе легитимни тврдења за универзалност отколку што некогаш имале Хабермас и сличните.
Според мене, моралниот банкрот на изјавата на Хабермас за Палестина означува пресвртница во колонијалните односи меѓу европската филозофија и остатокот од светот. Светот е разбуден од лажниот сон за европска етнофилозофија. Денес, ова ослободување го должиме на глобалното страдање на народи како Палестинците, чиј долгорочен, историски хероизам и жртва конечно го разбија бесрамниот варваризам во основата на „западната цивилизација“.
Хамид Дабаши
Професор по ирански студии и компаративна книжевност на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што предава компаративна книжевност, светскa кинматографија и постколонијална теорија. Неговите најнови книги ги вклучуваат „Иднината на две илузии: Исламот по Западот“ (2022); „Последниот муслимански интелектуалец: Животот и наследството на Џалал Ал-е Ахмад“ (2021); „Превртување на колонијалниот поглед: Персиски патници во странство“ (2020) и „Императорот е гол: За неизбежниот пад на националната држава“ (2020). Неговите книги и есеи се преведени на многу јазици
извор: Braveneweurope
превод: Лени Фрчкоска






