Ќе ја изгуби ли Америка војната со Иран?

Денко Малески

Нашето оружје, велат американски воени аналитичари и противници на војната во Иран, тие огромни пловечки градови какви што се носачите на авиони се застарени. Потоа објаснуваат дека оружјето кое го има Иран, ракетните системи, е оружје на 21 век. Објаснуваат дека ракетната одбрана на Иран, поврзана со електронските информации од руските и кинеските сателити ќе се покаже како одлучувачко во сегашната војна и дека тоа е причината што американските носачи на авиони мораат да се тргнат на 1200 километри од брегот., а истоварувањето на американски трупи го нарекуваат чин на самоубиство. Други укажуваат на децентрализираниот систем на војување на Иран, чие веќе убиено раководство оставило наредби за воено дејствување во случај на обезглавување на иранската држава.

Така, како резултат на погрешната процена на Израел и на Америка за важноста на првиот удар „за обезглавување“, само еден час по убиството на Ајатолахот беа нападнати и уништени радарите во американските бази во арапските земји на Заливот. Внимателно ги следам овие анализи и мислите ми лутаат кон еден настан од шеснаесеттиот век кога моќната и непобедива шпанска армада го доживува својот прв пораз од Англија.

Во вечната битка за доминација на големите сили, денешната конфронтација меѓу Америка и Иран ме потсетува на онаа што се случувало меѓу Шпанија и Англија во 1588 година. Шпанија е големата сила на своето време. Нејзиниот пезос е она што претставува доларот во наши времиња, а шпанската мода и култура, американската мода и култура во „американската ера“. Производ на идеолошки (религиски) ривалитет помеѓу католичка Шпанија и протестантска Англија, војната која ја почнува Шпанија има за цел, преку инвазија, да се смени режимот на Елизабета Прва и да ја врати католичката религија во протестантска Англија.Сјајната и непобедива шпанска армада составена од 130 бродови требало да натовари шпански трупи од Холандија, која во тие времиња била во сопственост на Шпанија, и, префрлајќи ги преку Ламанш, да ја окупира Англија. Но, во поморската битка која што следела, предноста била на страна на малите брзи бродови на англиската морнарица опремени со долгометни топови кои со успешни маневри ги потопиле големите шпански бродови. И како што тоа често знае да се случи во војни, среќата овој пат била на страна на Англичаните, па дел од шпанската армада бил зафатен со силно невреме во Северното море.Така, на запрепастување на тогашниот свет, големата сила Шпанија претрпела тотален пораз. Датумот на битката, 1588, се смета за почеток на повлекувањето на една голема сила, Шпанија, од доминантната позиција на светската сцена и подем на Англија која ќе ја замени на врвот од невидливата хиерархија на моќ меѓу државите.

Се разбира, треба да сме внимателни со историските аналогии.Тие само ни помагаат како да мислиме и не се никаков доказ дека така и ќе се случи. Кампањата на шпанската армада од 1588 илустрира како логистиката и ароганцијата на моќта влијае врз исходот на една воена кампања. Што ќе се случи во актуелната воена кампања на Америка и Израел против Иран, допрва ќе дознаеме. И да не заборавиме, ова е нуклеарна ера во која живееме денес.

Back to top button
Close