Трамп во вистинската вистина
За новинари, за аналитичари, политички научници изгледа извонредно комплицирано да предвидуваат како ќе тече војната на Америка и Израел против Иран поради исклучително непридвидливиот станар на Белата куќа. Откако издаде закана дека на една цивилизација ќе ѝ се случи Армагедон, ќе умре ако не се прифатат неговите барања за отворање на Ормускиот Теснец кои ќе водат кон примирје, дојде до 14-дневен прекин на огнот во кој сите прославуваат победа: И Иранците, и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, и Израелците, и арапските земји од Заливот, и кој уште не. Ова примирје е многу кршливо и изгледа сѐ ќе зависи како понатаму ќе се одвиваат мировните преговори во Пакистан, каде ќе биде вистинскиот тешкаш од Вашингтон, потпретседателот Џеј Ди Венс.

Иако сите се прогласуваат за „победници“ во овој момент, барем според најголемиот дел од анализите, и тоа главно во американскиот печат, вистинскиот „губитник“ е претседателот Доналд Трамп. Тој сега изгледа се наоѓа во неговата „вистинска вистина“ која не е status quo ante bellum (статус-кво пред војната), што значи дека САД сега се во полоша состојба отколку на почетокот на оваа војна по нивен избор.
Има многу објаснувања зошто Трамп непотребно започна војна по наговор на Израел, одби да ги послуша експертите кои повикуваа на претпазливост, смисли стратегија изградена врз погрешно разбирање на Иран, предизвика разорен регионален конфликт и смрт на илјадници цивили, ја поремети светската економија, ги зајакна репресивните инстинкти на иранскиот режим, ја остави Америка подискредитирана и изолирана, предизвика сериозни прашања за подобноста на претседателот за јавна функција, уништи големи делови од Иран и Либан, не го реши проблемот со залихите на високо збогатен ураниум на Иран или неговата идна нуклеарна програма, ги зајакна оние во Иран кои го поддржуваат поседувањето нуклеарно оружје и обезбеди Иран и Оман сè уште да планираат да го контролираат и да наплаќаат за поминување низ Ормускиот Теснец.
Како се дојде до оваа ситуација во која Иран крвари, но не е поразен, а високи функционери на САД се прогласија за победници без победа? Затоа веројатно е корисно да се вратиме еден месец порано, па потоа уште неколку месеци пред тоа, а најпосле на шест децении претходно за да се открие барем малку универзумот на Трамп кој копнееше по брза и блескава победа по неколкучасовната екскурзија или интервенција кога го грабна претседателот на Венецуела од Каракас.
„Да кажам, победивме“, изјави Трамп на митинг во Кентаки на 11 март. „Мислам дека победивме“, рече тој на јужниот тревник на Белата куќа на 20 март. „Ја добивме оваа војна. Војната е добиена“, рече тој во Овалната соба на 24 март. „Победуваме толку силно“, зборуваше тој на донаторска вечера на 25 март.
И продолжува да прогласува победа во Иран. Дури и со несигурното примирје. Но, со повторувањето дека била извојувана историска победа на Блискиот Исток не може да бидат променети фактите. Војната се претвора во ултимативен тест на оперативниот принцип што го водеше Трамп со децении: конструирање наратив, прогласување за вистинит и немилосрдно принудување на светот да му се потчини на тој наратив. Тоа со децении изгледаше ефикасно меѓу шефовите на богатите компании на Менхетен, тоа изгледаше супериорно во телевизиските ријалити емисии, па дури и во Вашингтон, каде е опкружен со МАГА-аџии кои речиси не помислуваат да ги доведуваат под сомнеж неговите прокламации. Затоа што најтврдокорниот дел од движењето МАГА функционира како култ.
Но, Иран се покажа дека е нешто поинакво кое ниту Трамп ниту неговите аѓутанти не го разбраа. Не само поради чувството за повеќеилјадна историја на голема цивилизација кое е во нејзиниот генетски код, туку и поради тоа што тоа е огромна земја со 93 милиони жители и 1,6 милиони квадратни километри површина (6,5 поголем од Југославија). Реалноста која со децении можеше да се искривува на Менхетен или последниве десетина години во Вашингтон, наеднаш дојде до ѕид и нема вистинско решение како да се прескокне оваа пречка или да се направи дупка во неа. Искривената реалност ја загуби моќта да плови без проверка.
Најголем дел од американските аналитичари и новинари кои можат да ги дешифрираат вашингтонските тајни велат дека Трамп бил несвесен за реалноста кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му ветил „лесна“ војна против Иран и голем триумф. Можеби делумно има вистина во тоа, но сигурно е дека претседателот не би бил лесно вовлечен во неизвесна војна од страна на Нетанјаху.

Тој веројатно ги имаше на ум комплицираната економска ситуација, која неговата влада не успева да ја подобри, лошото управување, потерите по нерегистрирани имигранти, несаканите убиства на американски граѓани, понижувачките порази во петнаесетина изборни трки каде демократите победија во длабоко црвени републикански конституенци. И можеби на најважното – прогонувачките досиеја на Епстин.
Влијанието на Нетанјаху
Каква е улогата на Бенјамин Нетанјаху? И што пишуваа американските медиуми?
Кога Нетанјаху пристигна во клубот Мар-а-Лаго на Доналд Трамп на 29 декември минатата година, израелскиот премиер дојде со барање и подготвен за нова војна. По 12-дневниот конфликт во јуни, Израел ги пополни испразнетите воени залихи (и за напад и за одбрана) и Нетанјаху беше нестрплив за конечна пресметка со својот архи непријател – Иран.
На прес-конференцијата Трамп се чинеше дека без поговор ги повторува познатите тези на Нетанјаху. „Сега слушам дека Иран се обидува повторно да се изгради“, рече Трамп. „Тогаш ќе мора да ги клекнеме. Ќе ги уништиме до бесвест. Но, се надеваме дека тоа нема да се случи“.
Нетанјаху дојде кај Трамп со гест како кон император (како што и други го правеа тоа претходно за да се задоволи егото на претседателот): му го додели највисокото признание на неговата земја, Наградата на Израел, ретко доделена на не-Израелци, за неговиот „огромен придонес за Израел и еврејскиот народ“.
„Атлантик“ пишува дека Нетанјаху дошол и со понуда која дополнително го поттикнала на размислување трансакцискиот претседател: Доколку Иран биде поразен тогаш ќе може да се намали американската поддршка во милијарди долари годишно за израелската држава и тие пари да се насочат во САД.
После тоа дојде големиот бунт во Иран и крвавата пресметка на режимот со демонстрантите кои бараа повеќе слобода и подобра економија. Илјадници луѓе беа убиени од режимските сили. Веројатно Трамп, Нетанјаху и нивните советници помислиле дека режимот е толку кршлив по бунтот во јануари што многу лесно ќе падне. Само тој проект ќе треба да се помогне со илјадници бомби. Таква проценка направил Мосад, тајната служба на Израел, кој има неброени агенти во Иран. Две-три недели по почетокот на војната таа проценка се покажа погрешна. И дека тоа ќе биде сѐ освен лесна војна.

На 28 февруари, првиот ден од војната, неименувани израелски претставници го информираа весникот „Хаарец“ дека иранската закана ќе биде скастрена за неколку дена, бидејќи последните ракетни лансери на Иран ќе бидат елиминирани. Во друг напис во истиот весник се вели дека израелските воени планери складирале ракетни пресретнувачи за војна за која претпоставувале дека ќе трае најмногу три недели.
Во Иран, и покрај убиството на врховниот лидер Али Хаменеи и други високи функционери, стратегијата за „обезглавување“ не доведе до ветувањата на Нетанјаху за брза промена на режимот, туку, барем засега, до очигледна консолидација околу Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Големината на влијанието и убедувањето на израелскиот лидер врз американскиот претседател, сепак, останува нејасна, но се пишува дека меѓу високите функционери на администрацијата на Трамп постои перцепција дека Нетанјаху претерал со ветувањата. „Аксиос“ објави за тензичен разговор меѓу Венс и Нетанјаху во кој потпретседателот не верувал многу во наративот на премиерот.
Други се повнимателни. Даниел Курцер, поранешен амбасадор на САД во Израел, и Арон Милер во објава за Фондацијата Карнеги за мир, напишаа: „Тој (Трамп) беше подготвен на ризик и фатен во самогенерирана аура на воена моќ и непобедливост откако го грабна претседателот Николас Мадуро од Венецуела“. Тие признаваат дека „Нетанјаху можеби го одредил времето на конфликтот“, но Трамп „веројатно веќе бил на пат кон војна“.
Во таа смисла, перцепцијата за улогата на Нетанјаху е важна исто колку и намерата на Трамп да почне и триумфално да заврши една војна.
За Нетанјаху и Израел, веројатно ќе има долгорочни последици во однос на дипломатијата и јавното мислење, кои – заедно со прашањето за Иран – долго време го опседнуваат израелскиот премиер.
Нема извинување и нема слабост
Но оваа промена на расположените меѓу Американците како да не го интересира многу Трамп. Тој уште е опседнат со самодоверба со која мисли дека може да контролира сѐ. Таа самодоверба се развиваше со децении и децении уште кога раснеше во едно предградие на Квинс, Њујорк, каде што се вели дека неговиот татко Фред, богат инвеститор во недвижности, го научил никогаш да не се извинува или да покажува слабост. Неделите ги поминувал во црква, каде што главен пастор бил Норман Винсент Пил, автор на влијателниот бестселер „Моќта на позитивното размислување“.
Директивите на книгата ги вклучуваат овие сентенци: „Формулирајте и трајно врежете во вашиот ум ментална слика за себе како успешен. Држете ја оваа слика цврсто. Никогаш не дозволувајте да исчезне. Вашиот ум ќе се стреми да ја развие сликата. Не градете пречки во вашата имагинација“.
Гвенда Блер, биограф на Трамп, рече: „Кога беше во средно училиште, во воената академија, веќе му кажа на својот цимер дека неговата цел е да биде славен и сфати дека тоа што си славна личност ти дозволува да ја извиткаш реалноста, да се извлечеш од комплицирани ситуации, да бидеш што е можно поголем. Неговиот цимер го опиша Трамп како лежи на креветот во студентскиот дом и ги објавува своите планови да стане славен.
Овој пристап му послужи добро на Трамп додека тој влегуваше во семејниот бизнис. Тој отвори хотели и казина и беше озлогласен по претерувањето со сопственото богатство. Тој го продаваше казиното „Таџ Махал Трамп” во Атлантик Сити како „осмо светско чудо“ и им вети на регулаторите и инвеститорите дека ќе биде вистинска крава за пари; казиното поднесе барање за банкрот една година по отворањето.
Всушност, бизнисите на Трамп банкротираа шест пати, иако тој никогаш не прогласи личен банкрот. Во меѓувреме, тој ја зацврсти својата слава со водење на ријалити-шоуто „Чиракот“ и влезе во политиката со лагата дека Барак Обама е роден во странство. Неговите лажни тврдења за време на изборната кампања во 2016 година – на пример, дека Мексико ќе плати за граничниот ѕид – не се покажаа како пречка за неговата победа.
За време на неговиот прв мандат Трамп изнесе повеќе од 30.000 лажни и погрешни тврдења, според пресметката на „Вашингтон пост“. Тој постојано создаваше своја алтернативна реалност. Но, стратегијата се расипа кога Америка беше погодена од пандемијата на Ковид-19 и стотици илјади смртни случаи не можеа да се поништат. Трамп конечно ги загуби изборите во 2020 година.
Превртено огледало
Трамп држеше превртено огледало кон реалноста, претставувајќи ги кривичните истраги против него како лов на вештерки и обвинувајќи ги демократите дека го користат Министерството за правда како оружје, дури и кога самиот Трамп му нареди на државниот обвинител да ги гони своите политички противници. Големите технолошки директори, адвокатските фирми, медиумските компании и универзитетите се предадоа на неговите наративи.
Бројни странски лидери, исто така, се препуштија на верзијата на светот на Трамп, фалејќи го неговото лидерство во војната во Украина, правејќи отстапки за царините или согласувајќи се дека тој заслужува Нобелова награда за мир за наводно завршување на седум војни. Но, неговите планови за Гренланд наидоа на ѕид. Војната во Иран на уште поголем ѕид.
Блер, авторка на „Трампови: Три генерации градители и еден претседателски кандидат“, верува дека Трамп конечно го нашол својот противник. Забележувајќи ја гордата култура на Иран и неподготвеноста да коленичи, таа рече: „Тој има нула интерес за нивната историја; тие имаат нула интерес за неговата слава. Тоа е интересна паралела бидејќи Иран ја конструира реалноста што сака неговите граѓани да ја прифатат. Доналд Трамп ја конструира реалноста што сака неговите граѓани да ја прифатат. Значи, тоа е режим на градител на реалноста наспроти режим на градител на реалноста. Битка на титаните“.
Медиумските извештаи сугерираат дека Трамп се „досадува“ од војната и сака да ја остави зад себе. Прашање е кога би можело да се случи тоа. Доналд Трамп го сретна својот момент на вистината. Видот на измислен живот што го водеше и го евоцираше во последните четири или пет децении сега е разоткриен како трагична и смртоносна драма. Во таа драма ќе гинат толку многу луѓе. Може да биде сериозно подјадена американската и регионалната економија. И Америка да се врати назад, а нејзиниот углед да биде драматично поткопан. (Dw)








