Меѓународна поддршка за Скопје како Европска престолнина на културата 2028: Ѓорѓиевски домаќин на делегации од Германија, Италија и Словенија


Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски беше домаќин на делегации од Германија, Италија и Словенија, во рамки на меѓународна размена поврзана со подготовките за Скопје како Европска престолнина на културата 2028 година. На средбата со претставници од Кемниц, Гориција и Нова Горица, како и со европски дипломати и градоначалници, беа разменети искуства за културни политики, урбана трансформација и меѓуградска соработка.

„Денес сум домаќин на моите колеги од Германија (Кемниц), Италија (Гориција) и Словенија (Нова Горица) – град Скопје со силна меѓународна поддршка!

Имав чест да ги пречекам моите колеги од Кемниц, Гориција и Нова Горица, градови со богато искуство, визија и докажана културна сила.

Заедно со градоначалниците Само Турел, Радолфо Зиберна, Џозефин Хаге, како и со Бен Нупнау – вршител на должноста амбасадор при Делегацијата на ЕУ, разговаравме за искуствата и предизвиците што ги носи титулата Европска престолнина на културата, титула што Скопје гордо ќе ја носи во 2028 година.

Во рамки на посетата, прошетавме низ срцето на градот, низ неговите симболи и приказни, а потоа ја продолживме соработката на официјална средба во Europe House Skopje, место каде идеите се претвораат во визија, а визијата во конкретна иднина.

Оваа средба е вистински простор каде културата дише, се движи и создава.

Токму во тоа е суштината на Европската престолнина на културата, да го истакнеме богатството на различностите, но уште повеќе – да изградиме мостови на заедништво, разбирање и заеднички европски идентитет.

За Скопје, патот до 2028 е процес на отворање, на учење, на поврзување. Процес во кој културата станува двигател на промени што гради похуман, поотворен и посилен град.

Затоа, денешната размена со нашите пријатели од Нова Горица, Гориција и Кемниц има посебна тежина. Тие градови покажаа дека културата е жива енергија што создава нови односи, отвора дијалог и гради чувство на припадност. Нивните искуства ни помагаат да ја обликуваме сопствената приказна што Скопје ќе ја раскаже пред Европа. Ова партнерство не завршува со денешните разговори. Напротив, продолжува и добива своја видлива форма преку изложбата што вечерва се отвора во Музеј на Град Скопје, достапна за сите посетители од 15 до 26 април, како сведоштво за заедничката визија и културната поврзаност.

Скопје 2028 е обврска да го зајакнеме европскиот дух на градот, да создадеме нови партнерства и да ги вклучиме граѓаните, младите, уметниците и институциите во една заедничка приказна на трансформација.

Со искрена благодарност до сите партнери, до Делегацијата на Европската Унија и до нашите пријатели од Европа, продолжуваме заедно.

објави Скопје1.мк

Back to top button
Close