Се укинува ветото во ЕУ? Само во нашите соништа!

Денко Малески

Секогаш кога ќе слушнам претставник на европска голема сила, Германија и Франција пред се, како зборува за мозинско гласање во во ЕУ ми паѓа жал за македонското јавно мислење кое повторно ќе биде излажано. Излажано дека може комотно да седи со скрстени раце додека ЕУ не ни го тргне ветото. Денес, германскиот министер за надворешни работи Вадефул се огласи со таа идеја, залагајќи се за укинување на принципот на едногласност во Европската унија во областа на надворешната и безбедносната политика и негова замена со принципот на мнозинство.

Во една демократија, изјавува тој, принципот на мнозинство е норма, а едногласноста е исклучок. Да, така е тоа во една федерација. Но, ЕУ не е федерација туку е договор меѓу суверени држави.Во таа смисла ветото е легитимен инструмент за одбрана на интересите на земја-членка, а не како што мислиме ние – злоупотреба. Конечно, од времињата кога луѓето се вооружувале со копја до денес, принципот е ист: сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки. Оттаму, ветото кое, по влегувањето во ЕУ, станува инструмент кој може да го користи и нашата држава во одбрана на своите интереси. Всушност, тоа е инструмент кој ги штити интересите и на малите држави во сојузот.

Ако некој очекува нов систем на гласање во кој големите европски сили како Германија и Франција ќе бидат надгласаувани – ќе се начека. Реално гледано, тоа тие никогаш нема да го дозволат во сферата на безбедносната и надворешната политика. Конечно, моќта на Франција и Германија е гаранција дека, без оглед на промените во гласањето, тие нема никогаш да бидат надгласани, зашто моќните го формулираат дневниот ред на ЕУ и пред да се дојде до фазата на гласање. За што тогаш зборува германскиот министер? Зборува, веројатно, за можност, после обемна и долга дебата, Германија и Франција да прифатат некоја форма на ограничено мнозинско гласање, но никогаш нема да прифатат систем на гласање во кое големите рутински ќе бидат надгласувани. Франција, од Де Гол наваму ја брани својата стратешка автономија од Америка, а камоли од Македонија, или другите мали држави на ЕУ кои би се обиделе да ја надгласаат.

Белким не мислиме дека и во најсјајната трансформација на унијата во нешто блиску до федерација, и нашиот прст би бил врз нуклеарното копче на Франција. Значи, ова за што зборува германскиот министер се промени во сфери во кои големите сили имаат мали влогови или влогови врзани за технички прашања. Дури и во тие случаи, големите европски сили нема да можат да бидат надгасувани. Многу поверојатно е дека и во случај на промени во гласањето, ќе се работи за големи мнозинства во кои би морале да бидат вклучени и самите големи сили. Зашто, ништо без нив. Па што тогаш добива една мала држава како Северна Македонија со членство во ЕУ? Многу. Седнува на масата на која се носат одлуките за Европа. Ама, внимавајте, и тие одлуки се производ на реалните односи на силите во ЕУ, а не на правни рецитации за еднаквост и принципи кои ги слушаме од нашите политичари.

 

Back to top button
Close