САРАЈСКИ ТЕСНЕЦ

А бе, златни деца има државата во која и испитот за чување државна тајна не е тајна.

Кога ќе го прочиташ насловот на соопштението на ВРЕДИ: „Сарај влегува во меѓународна агенда“, чиниш се јавија коалиционите партнери на Владата директно од периметарот на Доналд Трамп да нѐ израдуваат со уште некое примирје на Блискиот Исток. Соопштението почнува со констатацијата дека „Општина Сарај влегува во ново поглавје на афирмација и меѓународна соработка“.

Ајдеее… Што им текнало така да си помислат? Затоа што Општината ја посетила в. д. амбасадорката на САД Никол Варнс, што „сведочи за зголеменото внимание и почит кон оваа Општина“. Но, тоа не е сѐ. Претходно во Сарај бил и амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас со што, пази го сега ова: „Сарај за првпат се позиционира на агендата на клучните меѓународни фактори“.

Лелеее. Еј! Да не сме трепнале за миг па да сме пропуштиле дека Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши се активно вклучени во преговорите за отварање на Ормускиот Теснец? А градоначаникот на Сарај Мухамет Елмази е теренски олеснувач во преговорите, директно вклучен од вливот на Треска во Вардар. Затоа што, како што велат во ВРЕДИ: „Сарај денес со Мухамет Елмази покажува дека има капацитет, визија и посветеност да биде активен дел од одлучувачките и меѓународните процеси“.

Или во ВРЕДИ не живеат на оваа планета ако навистина веруваат дека „Сарај се претвора во референтна точка за дијалог и соработка“. Или, сакаат да испратат порака до коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ пред најавениот конгрес на кој треба да прераснат во партија. Толку многу помпа во едно соопштение само за да му се прати порака на премиерот Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ: Американците се со нас, како што беа со ДУИ. Па и ЕУ е со нас. Затоа, пазете се од нас, не чепкајте нѐ. Ние сме новата ДУИ. Штом сме “референтна точка за дијалог и соработка“, јасно е дека ние сме новите миленичиња на странскиот фактор.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close