Огранок на Ал Каеда и туарезите презедоа одговорност за координираните напади ширум Мали

Огранок на Ал Каеда и бунтовниците туарези презедоа одговорноста за вчерашните координирани напади во главниот град на Мали, Бамако, градот Севаре во централниот дел на земјата, како и во северните градови Гао и Кидал.
Групата Џамаат Нусрат ал Ислам вал Муслимин (ЈНИМ) поврзана со Ал Каеда ја презеде одговорноста за нападите во близина на главната воена база во Кати, каде се распоредени руски платеници, аеродромот во Бамако и врз Мопти, Севаре и Гао, во северниот дел на Мали.
ЈНИМ тврди дека градот Кидал е „окупиран“ во заедничка операција со Фронтот за ослободување на Азавад (ФЛА).
Портпаролот на ФЛА, Мохамед Елмаулуд Рамадане претходно на социјалните мрежи објави дека нивните сили ја презеле контролата врз позициите во Гао и во еден од двата воени кампа во Кидал.
Армијата на Мали соопшти дека убила „неколку стотина“ напаѓачи, но сè уште не е познато колку војници или цивили загинале во нападите.
Портпаролот на владата на Мали, Иса Усман Кулибали изјави дека ситуацијата целосно е под контрола во сите погодени области. Тој најави дека во Бамако ќе биде воведен тридневен полициски час.
Вчерашните напади сигнализираат потенцијална ескалација на бунтот што почна во 2012 година. Владата на од Асими Гоита, ја презеде власта по државните удари во 2020 и во 2021 година со ветување за враќање на безбедноста, што досега не успеа да го исполни, и одржува блиски врски со Русија.
Амбасадата на Русија во Бамако ги осуди „кукавичките напади“, додека руското Министерство за надворешни работи соопшти дека „продолжуваат напорите за елиминирање на вооружените групи, а прелиминарните информации сугерираат дека западните безбедносни сили можеби биле вклучени во нивната обука“.
И генералниот секретар на Обединети нации, Антониот Гутереш го осуди „насилниот екстремизам“ во Мали и побара поддршка за справување „со растечката закана од тероризам во Сахел и одговор на итни хуманитарни потреби“.






