Светска банка: Цените на енергенсите ќе пораснат за 24 отсто во 2026 година поради кризата на Блискиот Исток

Светската банка во извештај објавен денеска предупреди дека војната на Блискиот Исток ќе предизвика голем раст на цените на енергенсите за 24 отсто во 2026 година, додека вкупните цени на стоките ќе скокнат за повеќе од 16 отсто, што дополнително ќе ја поттикне инфлацијата и ќе го забави глобалниот економски раст.

Како што се наведува во извештајот, поради војната дошло до еден од најголемите шокови во снабдувањето со нафта, со почетен пад на глобалната понуда од околу 10 милиони барели дневно.

Нападите врз енергетската инфраструктура и нарушувањата во транспортот низ Ормуската Теснина, преку која поминува околу 35 отсто од светската поморска трговија со сурова нафта, дополнително ја влошија ситуацијата, наведува Светска банка.

Цената на нафтата „Брент“ веќе во средината на април беше за 50 отсто повисока отколку на почетокот на годината, додека за 2026 година се прогнозира просечна цена од 86 долари по барел, во споредба со 69 долари во 2025 година. Овие проекции поаѓаат од претпоставката дека најтешките нарушувања ќе се стабилизираат до мај и дека транспортот низ клучните рути ќе се нормализира до крајот на годината.

Главниот економист на Светска банка, Индермит Гил, предупредува дека војната дејствува преку „бранови“ врз глобалната економија – прво преку раст на цените на енергенсите, потоа на храната, а потоа преку инфлација и раст на каматните стапки, што дополнително го поскапува задолжувањето. Цените на ѓубривата би можеле да пораснат за 31 отсто во 2026 година, што дополнително би ги намалило приходите на земјоделците и би ги загрозило приносите.

Истовремено, цените на индустриските метали како алуминиум, бакар и калај би можеле да достигнат историски максимуми, поттикнати од силната побарувачка од секторите како што се центрите за податоци, електричните возила и обновливите извори на енергија. Скапоцените метали исто така бележат раст, со очекуван скок на просечните цени од 42 отсто во текот на годината, поради зголемената побарувачка за сигурни инвестиции во услови на геополитичка неизвесност.

Во економиите во развој, инфлацијата би можела да порасне на 5,1 отсто во 2026 година, што е за еден процентен поен повеќе во однос на проценките пред избувнувањето на конфликтот, додека растот се ревидира надолу на 3,6 отсто. Во понегативно сценарио, доколку конфликтот потрае или дојде до дополнителни оштетувања на клучната инфраструктура, просечната цена на нафтата би можела да достигне и 115 долари по барел. Во тој случај, инфлацијата во економиите во развој би можела да порасне на 5,8 отсто, што е ниво видено само за време на енергетската криза во 2022 година, се наведува во извештајот објавен на веб-страницата на Светска банка.

Заменик-главниот економист на Светска банка, Ајхан Косе, предупредува дека владите имаат ограничен фискален простор за реакција и дека треба да се избегнуваат широки, неселективни мерки за поддршка кои можат дополнително да го нарушат пазарот, и оти треба да се фокусираат на целна и привремена помош за најзагрозените.

Back to top button
Close