ФБИ дојави доведоа до акција во Тетово – откриен нелегален онлајн пазар , две лица уапсени

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи спроведе акција во тетовското село Голема Речица, при што се лишени од слобода две лица осомничени за администрирање на нелегален онлајн пазар.

Акцијата е реализирана по првични информации добиени од ФБИ, а во рамки на заедничка и координирана истрага поврзана со платформата „OLVX“, која функционирала преку повеќе интернет домени.

Според досегашните сознанија, платформата била активна од јули 2023 година и содржела база на компромитирани лични податоци користени за регистрација на кориснички и продавачки сметки. Во системот биле евидентирани над 2.600 кориснички и повеќе од 1.500 продавачки сметки, а вкупниот промет надминал 500.000 американски долари.

Врз основа на судска наредба од Основниот суд во Тетово, извршен е претрес кај лицата А.Е. (20) и А.И. (23) од Голема Речица, за кои постојат сомнежи дека биле администратори на платформата.

За време на претресот тие биле затекнати на лице место во момент на извршување на дејствија поврзани со кривичното дело за кое се сомничат. Притоа биле одземени десктоп и лаптоп компјутери, како и мобилни телефони, кои ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа.

Лицата се лишени од слобода, а од МВР информираат дека истрагата продолжува со цел целосна идентификација на сите инволвирани и обезбедување на дополнителни докази, согласно законските процедури.

Back to top button
Close