Извршителката Јакимовска условно осудена за напад врз новинарот Фуркан Салиу: Ќе ја обжалиме пресудата

Судот донесе пресуда со која извршителката Весна Јакимовска е прогласена за виновна за кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“, при што ѝ е изречена условна казна затвор од шест месеци. Според пресудата, казната нема да се изврши доколку во рок од една година не стори ново кривично дело.

Настанот се однесува на случај од март 2024 година, кога, како што е наведено во пресудата, со употреба на сила и сериозна закана бил спречен новинарот Фуркан Салиу да извршува професионални задачи.

По објавувањето на пресудата, Салиу остро реагираше, отворајќи прашања за заштитата на новинарите.

„Спречување службено лице во вршење службено дејствие се казнува со условна казна од 6 месеци“, напиша Фуркан Салиу.

Тој ја доведе во прашање и суштината на статусот на новинарите како службени лица.

„Која е поентата новинарите да се водат како службени лица, ако за напад врз нив судот напаѓачите ги казнува со условна казна?“, напиша Фуркан Салиу.

Во реакцијата, тој посочи дека пресудата ја смета за „морална победа“, но не и за задоволителна правна разрешница.

„Ова е морална победа, ги потврдува сите наши тврдења, но не сме задоволни од судската одлука и ќе ја обжалиме пресудата“, напиша Фуркан Салиу.

Тој отвори и пошироки дилеми за безбедноста и мотивот на новинарите да известуваат за чувствителни теми.

„Која е поентата новинар да го ризикува својот живот за да ги брани правата на граѓаните, ако судот не ги штити истите?“, напиша Фуркан Салиу. (Skopje1)

Back to top button
Close