Како повторно да се изгради демократија?
Спектакуларната победа на Петер Маѓар на изборите во Унгарија и симнувањето од власт на Виктор Орбан по 16 години ја стави неговата земја на почетокот на еден редок процес – демонтирање на авторитарен систем преку демократски средства. Тоа може да биде многу потежок процес отколку самиот проект за соборувањето на Орбан што почна пред две години.

Предноста на Маѓар во значајна мерка произлезе од тоа што тој беше дел од универзумот на Фидес, но полето за победа главно му го обезбеди самиот Орбан. Затоа што неговиот модел на нелиберална демократија, финансиран до пред некоја година со парите на ЕУ за крепење на економијата (заедно со екстремната корупција), наеднаш стана истрошен. Тоа не се случи буквално преку ноќ, туку она што почна со пукање на рабовите за време на пандемијата на корона ги урна скелињата на таа архитектура по бруталната агресија на Русија на Украина. Владата на Орбан немаше идеја што да прави со економијата. Јавните услуги беа намерно уништени. Инфлацијата е многу повисока во однос на другите земји на ЕУ. Владата последните години лошо владееше, особено кога европските пари беа замрзнати поради големото назадување во владеењето на правото и претворањето на медиумите во пропагандистички алатки. Главниот проблем на Орбан беше што немаше идеја како да се движи напред. Тој го урна системот, ги расипа работите и не знаеше како да ги поправи и да продолжи. И затоа загуби.
Сега Маѓар треба да ги поправи тие работи што се расипани и да ја врати демократијата на шините. Тоа би бил грандиозен успех за него и владата на партијата Тиса по 16-те години на целосна окупација на државата од машинеријата на Орбан. Ако успее, Унгарија би можела да понуди модел за тоа како демократиите можат да се справат со нелиберализмот без да го жртвуваат владеењето на правото. |

Замрзнати пари
Како би можела да се врати демократијата во земја, која на крајот од комунистичките денови и во првиот период по падот на Берлинскиот ѕид, беше излогот на Централна Европа? Надвор од големата мобилизација дома, на Маѓар ќе му требаат замрзнатите пари од ЕУ. Тој оваа недела беше во Брисел на средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, за да може да разбере кога Будимпешта би можела да има пристап до заклучените 17 милијарди евра. Тоа се 10 проценти од годишниот БДП на Унгарија и се клучни за стабилизирање на кревката економија. Ослободувањето на овие пари беше дел од неговата предизборна кампања, а пред да отиде во Брисел во неформална посета порача: „Немаме време за губење“.
Без оглед што разговорите поминале добро, Брисел нема да го олесни патот за испорака на тие средства. Прво Петер Маѓар треба и официјално да стане премиер (тоа треба да се случи по свикувањето на новиот парламент и датумот беше симболично одбран – 9 мај, на Денот на Европа), па потоа дипломати и други експерти да ги почнат преговорите за отклучување на парите.
Важна пречка е тоа што рамката за санкции што Брисел ја изгради во последниве години, за да се справи со назадувањето во владеењето на правото, е сложена и не може лесно да се поништи – особено не само врз основа на политички ветувања. И особено не врз основа на ветувања дадени во кампања за избори.
Ова ја става Европската Комисија пред дилема: дали да ги држи средствата замрзнати предолго и да ризикува поткопување на проевропските реформатори; дали да ги ослободи премногу брзо и да се соочи со правни предизвици, а воедно да ги поттикне тврдењата дека алатките за владеење на правото се политизираат против нејзините критичари.
Од Европскиот суд на правдата ги нагласуваат ограничувањата, при што еден од неговите генерални адвокати препорача поништување на одлуката на Комисијата од 2023 година за ослободување на 10 милијарди евра за Унгарија, бидејќи реформите сè уште не се завршени. Нема лесен излезен пат за една земја-членка да бидат укинати санкциите.
Од 17 милијарди евра што Маѓар бара што побрзо да се ослободат, 10 милијарди доаѓаат од фондот на ЕУ за постпандемиско закрепнување, додека речиси 7 милијарди евра од кохезионите фондови, парите на блокот за регионален развој насочени кон поддршка на посиромашните региони.
Целото внимание е насочено кон фондот за закрепнување, бидејќи се приближува рокот: Унгарија ризикува да ги загуби 10-те милијарди евра ако не ги исполни условите поставени од Комисијата за тој фонд до август. Што значи дека Унгарија има само неколку месеци да ја исполни независноста на судството, заштитните мерки против корупцијата и другите реформи. Околу половина од тие услови веќе се исполнети од владата на Орбан, а сега на Маѓар ќе му треба квалитетен и брз финиш.
Испразнета содржина
За Унгарија е од огромно значање овие пари да се ослободат, но исто така од огромно значење е дали демократијата може да биде обновена во краток период од неколку години, кога беше осакатувана деценија и пол секој ден. Како да се врати демократијата одвнатре откако таа систематски е испразнета од содржина? Оваа задача за Петер Маѓар и неговото супермнозинство во парламент ќе има последици надвор од границите на Унгарија.
Размерот на наследениот нелиберален систем е огромен. Виктор Орбан ја реорганизираше државата околу една партија, консолидирајќи ја моќта на Фидес со заменување на уставот од 1949 година со Основниот закон од 2011 година. Судството беше систематски контролирано од назначен и практично недопирлив генерален прокурор. Јавните медиуми станаа алатка за пропаганда контролирана од државата, засилена со надзор на новинари, државни службеници и опозициски личности. Граѓанското општество беше подложено на ограничувања од руски тип, а Централноевропскиот универзитет беше принуден да се пресели во Виена. Државните договори беа насочени кон олигарси блиски до власта, а администрацијата, дипломатијата и службите беа исчистени од професионалци и заменети со персонал лојален на партијата.
Ситуацијата во медиумите можеби е најдобар показател што се случуваше во заробувањето на една држва. Пристапот на Орбан кон новинарството не беше толку брутален, но со неговата суптилност беше подолготраен. Тој беше преземен од образецот на авторитарните режими, но имаше и своја унгарска димензија. Во текот на една и пол деценија, државното рекламирање систематски беше пренасочено од независните медиуми кон наклонетите на владата. Поранешните независни весници и телевизиски канали беа купени од лојални бизнисмени.
Во 2018 година, повеќе од 500 медиумски куќи беа истовремено здружени од нивните сопственици во еден конгломерат, КЕСМА (Централноевропска фондација за печат и медиуми), кој веднаш беше прогласена за прашање од „стратешки национален интерес“ од страна на владата и беше ослободен од регулативата за конкуренција.
Овој потег ефикасно го збриша независното новинарство во Унгарија. Малкуте медиуми што преживеаја, како „Директ36“, ХВГ, „444“, „Маѓар наранч“ го сторија тоа со прифаќање на финансиска независност од државата, потпирајќи се на претплати и финансирање од меѓународни фондации. Тие беа моќни гласови, но достигнуваат само дел од публиката што ја контролира мрежата на КЕСМА, која содржи телевизиски канали, радио станици, интернет портали, весници, магазини, вклучувајќи ги ХирТВ, „Ориго“, Мандинер“, „Маѓар немзет”.

Веднаш по победата Маѓар рече дека ќе ги укине информативните програми на јавните медиуми за да престанат да ја трујат унгарската публика со пропаганда на Фидес. А потоа ќе го реформира сервисот. Три дена по изборите отиде на државната телевизија МТВА и во едно тензично и борбено интервју со новинарот го обвини јавниот сервис за ширење пропаганда „во севернокорејски стил“ и лажни тврдења за неговото семејство за време на изборната кампања.
Интервјуто беше неговото прво појавување на националниот радиодифузер по 18 месеци, иако МТВА соопшти дека упатил повеќе покани до Маѓар и неговата партија за време на кампањата. Унгарскиот лидер даде две интервјуа – прво на јавното радио, потоа на телевизија – кои завршија со огорченост, со остри размени, прекини и меѓусебни обвинувања. Маѓар вети нов закон за медиуми, независен медиумски орган и мораториум за државно рекламирање.
Демократска реставрација
Демократското уназадување во Унгарија не се случи преку државни удари или спектакуларни раскинувања. Тоа се случи во текот на една деценија бавна институционална ерозија, документирана од новинарите и во голема мера игнорирана од оние со моќ да одговорат на наводите. Но демократската реставрација не може да се случи без новинарството да ја извршува својата структурна работа. Обновувањето на довербата во фактичкото известување е бавна работа што оди подалеку од законодавството за медиумска реформа. Новинарство стекнува кредибилитет преку точност и се спротивставува на искушението да замени една форма на пристрасност со друга.
Петер Маѓар објави дека прва посета во странство откако ќе стане премиер ќе му биде на Варшава, каде опозицијата во 2023 година ја победи националистичко-популистичката влада на партијата Право и правда, која владееше осум години. Тој сака да слушне совети од премиерот Доналд Туск како земјата да се врати назад во демократијата. Туск би можело да му ги каже неговите слатко-горчливи искуства.
И покрај тоа што дејствуваше брзо за да ги спречи јавните медиуми да шират пропаганда, да отклучи 137 милијарди евра замрзнати фондови на Европската унија преку реформи за владеење на правото и да го зајакне економскиот раст, владата на Туск се бореше со ниски рејтинзи на одобрување.
Како што пишува Славомир Сјераковски од Германскиот совет за надворешни работи „демократските наследници на крајно десничарските популисти, за жал, се речиси осудени да разочараат, со оглед на големите надежи што ги создадоа нивните победи. Но, незадоволството од владата на Туск главно ги одразува многуте начини на кои ПиС ги искриви и ги претвори во оружје државните институции – проблем со кој се соочува и Маѓар во Унгарија. Во обете земји, системските промени бараат парламентарно супермнозинство, кооперативен претседател и независен уставен суд.
Маѓар успеа да обезбеди уставно мнозинство, ставајќи го во позиција да може да го обнови системот од темел. Но, нелиберализмот е многу повкоренет во Унгарија отколку што беше во Полска. Затоа, процесот на обнова ќе потрае, а очекувањата на гласачите ќе мора да се исполнат порано.
Доналд Туск презеде брзи промени во јавните медиуми, што доведе до критики дека користел методи слични на оние на претходната администрација. Маѓар треба да извлече поука: секоја реформа мора да биде транспарентна.
Ова особено важи за судството, каде што Орбан назначи лојални луѓе на долгорочни мандати. Некои може да поднесат оставка, но други нема. Нивното отстранување со закон би се сметало за политичка чистка и би се користело против новата влада. Поодржлив пристап е да се создаде транспарентен систем за назначување што е во согласност со стандардите на Советот на Европа, претпоставувајќи дека реформата ќе трае со години.
Во текот на 16 години, Фидес методично ги преуреди институциите на државата – судовите, регулаторните тела, изборната комисија и националниот радиодифузен сервис – за да служат на една партија. Составот на Уставниот суд беше проширен од 11 на 15 судии веднаш по доаѓањето на Орбан на власт, во 2011, и целосно пополнет со лојални луѓе. Националната судска канцеларија беше предадена на близок сојузник, давајќи му на едно лице широки овластувања да назначува судии и да управува со случаите. Ова не се апстрактни проблеми. Тие се машинеријата преку која се толкуваат законите.
Полскиот премиер Туск имаше големи блокади од двајца претседатели поврзани со ПиС. Поранешниот Анджеј Дуда и сегашниот Карол Навроцки. Во Полска претседателот има полуизвршни овластувања, додека шефот на државата во Унгарија е церемонијална фигура. Полскиот претседател Навроцки одби да назначи 46 судии и остави 88 амбасадорски места празни откако ја презеде функцијата.
Во многу земји каде општеството е заробено враќањето на стариот правен поредок е речиси сизифовска работа. Едно од прашањата е дали да се оди во обратна насока, но со повторување на стапките на крајната десница. Можеби затоа Туск се обиде да ги намали преголемите очекувања во ЕУ и во европските престолнини од победата на Тиса, велејќи во разговор за „Фајненшел тајмс“ дека Унијата мора да биде „многу трпелива“ со Маѓар. Во истиот разговор Туск истакна дека Унгарија останува поконзервативна од повеќето земји-членки на ЕУ. Затоа би било грешка да се толкува резултатот од изборите како победа на прогресивниот табор над крајната десница. Според неговите зборови, Петер Маѓар „може да разочара некои социјалистички, попрогресивни колеги“.
Но најважното за Маѓар е да не ги разочара Унгарците, кои гласаа како цунами да го отфрлат од власта режимот на Орбан. Тие можеби ќе имаат трпеливост кон него за враќање на демократијата, бидејќи знаат дека гниењето на нивното општество е многу длабоко. Искушението за Тиса и Петер Маѓар е поголемо од Унгарија и оди подалеку од нејзините граници. Тоа може да биде образец како се враќа демократијата во една земја. Ако успее. (ДВ)
Љупчо Поповски






