Пијан скопјанец уринирал врз службено возило на Град Скопје, па му искршил нос на комунален редар – интервенирала и полиција

Комунален редар од Град Скопје завршил со скршеници на носот по инцидент што се случил ноќеска пред бараките на Град Скопје, откако алкохолизирано лице уринирало врз службено возило, а потоа физички нападнало инспектор.

Од МВР информираат дека случајот бил пријавен во 00:10 часот во СВР Скопје

„На булеварот ‘Илинден’ пред Град Скопје едно лице нападнало инспектор од Град Скопје. Тројца комунални инспектори забележале три лица, од кои едното уринирало врз нивното службено возило, по што веднаш го напуштило местото“, велат од полицијата.

По кратка расправија помеѓу него и вработениот И.С. (51) од Скопје, настанала физичка пресметка, при што двајцата се здобиле со телесни повреди“, додаваат од МВР.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, за „Скопје1“ изјави дека тројца мажи во алкохолизирана состојба претходно уништувале јавен имот и уринирале врз автомобили на градскиот паркинг.

„Комуналниот редар кој тогаш пристигнал да преземе смена, ги запишал, едниот од нив правел проблеми, но другите двајца го однеле. Брзо потоа, истиот се вратил пред чуварската канцеларија во Град Скопје и ги навредувал, при што имало обид за насилство од негова страна“, вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека редарот И.С. бил нападнат од алкохолизираното лице и притоа се здобил со скршеници на носот.

„Редарот бил пренесен во болница каде му е извршена интервенција, а полицијата го завела случајот“, додава градоначалникот.

Од МВР велат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Back to top button
Close