СДСМ за драмата околу Сотир Лукровски: По ЗНАМ се распаѓа и ВМРО-ОКГ

Паника и распад се случуваат во криминалната коалиција на власт. По распадот на ЗНАМ и повлекувањето на пратеникот во Собранието, советничката во Прилеп, сега пукнатините и јавно се гледаат во ВМРО-ОКГ, велат од СДСМ.

„Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се повлекува затоа што не сака да потпишува документи за бизнисите на Мицкоски. Документи кои можат да значат лична кривична одговорност поврзана со сомнителни новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање на фирми.

Иако ВМРО-ОКГ се обидува да ја сокрие вистината со смешни оправдувања дека не станува збор за повлекување туку за „боледување“, фактите зборуваат сами за себе. Има се повеќе луѓе кои гледаат што се случува и не сакаат да бидат параван или потписнци на криминалните шеми на Мицкоски и неговата група.

Во исто време, во самото ВМРО-ОКГ владее целосен хаос, внатрешни кавги и сериозни поделби.Мицкоски ги отстрани потпретседателите во ВМРО што е доказ колкава недоверба има во нив.ЗНАМ, како сателитска групација создадена и контролирана од Мицкоски со единствена цел да му наштети на СДСМ, веќе се распаѓа. Сега истото му се случува и во ВМРО-ОКГ. Луѓето почнуваат да сфаќаат дека биле злоупотребени и вовлечени во систем на криминал, злоупотреби и корупција за кој наскоро ќе мора да се одговара. Сѐ повеќе членови и функционери и во ЗНАМ и во ВМРО се свесни дека по падот на Орбан започнуваат сериозни истраги за политичко-криминалните мрежи во регионот.Свесни се дека наскоро и Христијан Мицкоски и неговата криминална група ќе бидат предмет на тие истраги а дека ќе дојде време за одговорност за целиот криминал. Од правдата никој нема да може да избега“, порачуваат од СДСМ, иако во Македонија речиси сите ја избегнаа.

Вчера и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски тврдеше дека Општина Карпош се обидела да ја излаже јавноста дека градоначалникот Сотир Лукровски не поднел оставка, туку дека бил на боледување.

„Ако е така, како што вели, тогаш тој бара Општината да објасни зошто побарале од Централниот регистар Лукровски, градоначалник избран на локалните избори на 2 ноември, да биде избришан како одговорно лице во Општина Карпош, а на негово место да биде впишан заменикот Крстевски, што било одбиено од Централен регистар“, праша Јакимовски јавно.

Јакимовски исто така ги прашува општинарите зошто во Трезорот испратиле потписно картонче само со потпис на овластениот заменик, а без потписот на градоначалникот кој го дава овластувањето – ако Лукровски е привремено отсутен. И конечно, прашува, зошто шоферот на градоначалникот дошол да го раздолжи службеното возило со кое го возел Лукровски, како и другите предмети што ги користел?

„Ова не е боледување. Ова е бегство од Карпош. Ова е незаконско купување време. Оставката на Сотир Лукровски се најавува повеќе од четири месеци. Со тоа, според нашите информации, бил запознаен и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Отворањето боледување и назначувањето заменик не е решение. Тоа е обид формално да фигурира боледување, а фактички да се подготвува заминување“, вели Јакимовски.

Според поранешниот градоначалник на Карпош вистината е едноставна „ВМРО-ДПМНЕ ја заглави Општина Карпош и сега се обидува со лаги, правни акробации и партиски маневри да го покрие срамот“.

Ако се потврдат ваквите информации ова ќе биде поголема бламажа за ВМРО-ДПМНЕ од скандалозната утка со градоначалничката Данела Арсовска и ќе покаже дека кадровската политика не му е баш еден од талентите на премиерот Христијан Мицкоски. Покрај тоа дека тоа што се очекува од градоначалниците по се изгледа, не може секој да го „свари“.

Back to top button
Close