Почина поранешниот градоначалник на Кавадарци, Иван Чулев

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, со емотивна порака се прости од поранешниот градоначалник и претседател на Советот на Општина Кавадарци, Иван Чулев, кој почина.
Јанчев истакна дека со голема тага ја примил веста за смртта на Чулев, оценувајќи дека станува збор за човек кој оставил длабока трага во развојот и животот на градот.
Во својата објава, тој го опиша Чулев како човек за почит, искрен пријател и посветен работник, кој со мудрост, чесност и човечност знаел да обединува и да биде поддршка за многумина.
„Неговиот придонес за Кавадарци ќе остане трајно запаметен, а споменот за него ќе живее меѓу граѓаните и сите што имаа чест да го познаваат“, напиша Јанчев.
Тој во свое лично име и во име на Општина Кавадарци изрази сочувство до семејството, роднините, пријателите и сите кои тагуваат по загубата на Иван Чулев, објави Скопје1.мк.






