Драмски театар и КПУ Затвор Скопје со заеднички проект за ресоцијализација

Драмскиот театар и КПУ Затвор Скопје потпишаа меморандум за соработка со цел отворање нови можности за ресоцијализација на осудените лица преку културата и уметноста.
Како што информира Управата за извршување санкции, меморандумот го потпишале директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, и директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски.
Според институцијата, соработката има за цел преку театарски претстави и културни активности да придонесе за духовен развој, едукација и поттикнување позитивни вредности кај осудените лица.
„Културата, уметноста и театарот имаат моќ да допрат до секој човек, да разбудат емоции, совест, надеж и желба за позитивна промена“, наведуваат од Управата за извршување санкции.
Во рамки на соработката, на 8 мај дел од примерните осудени лица, во придружба на затворската полиција и вработени од секторот за ресоцијализација, присуствувале на театарска претстава.
Од КПУ Затвор Скопје најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон успешна ресоцијализација и подобра интеграција на осудените лица во општеството.
Извор: skopje1.mk






