Зголемен број на убоди од крлежи евидентирани последниве недели во Ургентен центар Куманово

Зголемен е бројот на пациенти кои бараат помош за справување со убоди од крлежи и други инсекти, информираа лекарите од кумановскиот ургентен центар. Со затоплувањето на времето и почестото користење на парковите, зелените површини и шумските предели, се зголемува и ризикот од убод од крлеж. Лекарите апелираат граѓаните да не се обидуваат сами да ги отстрануваат крлежите, туку да побараат стручна медицинска помош.

Доктор Иван Аргиров објаснува дека крлежите се паразити кои се хранат со крв од животни и луѓе и смирува дека не секој убод претставува опасност.

 

– Крлежите се преносители на инфективни заболувања, но не секое каснување значи дека ќе се развие болест. Само крлежите кои се инфицирани со вируси или бактерии можат да пренесат инфекција. Најчесто станува збор за бактеријата борелија, која може да предизвика лајмска болест, односно лајмска борелиоза – изјави д-р Аргиров.

 

Тој посочува дека засега немаат евидентирани случаи на заболени пациенти, а најчесто граѓаните се јавуваат за стручно отстранување на крлеж.

– Ние го отстрануваме крлежот и понатаму даваме насоки што треба да се направи. Често пациентите ги упатуваме и на инфективно одделение за дополнително следење и проверка дали крлежот бил заразен – додава Аргиров.

Лекарите предупредуваат дека самостојното отстранување може да предизвика дополнителни компликации.

 

– Наш совет е граѓаните да не се обидуваат сами да го вадат крлежот. На социјалните мрежи се пласираат различни совети, но често ни доаѓаат пациенти кај кои дел од крлежот останал во кожата. Тогаш мораме со мала хируршка интервенција да го отстраниме преостанатиот дел – вели докторот.

Интервенцијата, како што посочува, трае кратко, помалку од половина минута, но во текот на сезоната речиси секојдневно има пациенти со ваков проблем. Сезоната ќе трае до октомври. Лекарите препорачуваат при престој во природа да се носи долга и светла облека, да се користат обележани патеки и по враќањето дома да се направи детална проверка на телото.

– Особено треба да се прегледуваат делови со повеќе влакна, како главата кај децата, просторот зад ушите и вратот, но и местата каде што кожата се преклопува, пазувите, препоните и слично, бидејќи таму крлежите најчесто се задржуваат, објаснува Аргиров.

Општина Куманово склучи договор со компанија за услуги за запрашување против инсекти, дезинсекција, дератизација против крлежи, комарци и глодари, за што од општинскиот буџет одвои над 1, 1 милион денари со вклучен данок на додадена вредност.

Back to top button
Close