(ВИДЕО) Мицкоски за аферата со шпионажа кај Сиљановска: „Тоа се шпионски талог и глодари од минато, не би ги коментирал“

Премиерот Христијан Мицкоски со остри зборови ја коментираше аферата поврзана со сомнежите за шпионажа во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно, оценувајќи дека станува збор за „шпионски талог на општеството“ и „структури од минатото“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали има сознанија за случајот и дали може да сподели детали, Мицкоски рече:

„Па, видете, тоа се шпионски талог на општеството, структури од минатото. Коишто се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари. Претседатели, премиери и така натаму.“

Премиерот тврдеше дека тие лица се претставувале како група вработени и испраќале анонимни дописи до обвинителствата

„И тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства“, рече Мицкоски.

Во изјавата тој директно го спомена и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.

„Се разбира, таму е Ислам Абази, веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало“, изјави премиерот.

На крајот додаде дека не сака повеќе да ги коментира лицата кои ги нарече „глодари“.

„Јас не би ги коментирал овие глодари, бидејќи мислам дека треба да ги заборавиме“, рече Мицкоски.

Back to top button
Close