По оставката на Фетаи, Мицкоски најави разговори за идната структура на Владата
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во втората половина на јуни ќе се одржат разговори со коалициските партнери, на кои ќе се разгледуваат идните чекори во функционирањето на Владата и можните кадровски решенија.

Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и евентуалната реконструкција на Владата, Мицкоски рече дека конечните разговори ќе следуваат по завршувањето на тековните внатрепартиски процеси.
„Во втората половина на јуни ќе седнеме со владините партнери и ќе разговараме за понатамошните чекори. Тогаш ќе се добие и појасна слика за идната структура“, изјави Мицкоски по отворањето на новиот базен во Карпош.
Тој посочи дека во моментов вниманието е насочено кон внатрешните реорганизации и преструктурирања во партијата.
„Планираме тие активности да ги завршиме до средината на јуни, а потоа, во втората половина на месецот, да седнеме со коалициските партнери и да разговараме за следните чекори“, додаде премиерот.
На новинарско прашање поврзано со здравствената состојба на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, Мицкоски истакна дека станува збор за лична тема која не треба да биде предмет на политички пресметки.
„Тоа се лични прашања и навистина не би сакал да ги коментирам. Ги осудувам сите политички актери кои се обидуваат да добијат политички поени врз туѓа мака и лични околности“, изјави Мицкоски.






