Граѓаните да добијат поевтини платежни услуги“, порача Славески
По најавите за зголемување на банкарските провизии и реакциите што следуваа во јавноста, гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Трајко Славески, смета дека е време да се отвори поширока дебата за можни законски решенија кои би овозможиле подобра заштита на корисниците на платежните услуги.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Славески посочи дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат и граѓаните и компаниите, поради што прашањето за висината на банкарските провизии заслужува поширока општествена расправа.
Тој нагласи дека Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките, но оцени дека актуелните случувања отвораат потреба од разгледување на можностите за дополнување на постојната законска рамка.
Според Славески, во повеќе европски држави веќе постојат механизми за регулирање или ограничување на одредени банкарски трошоци, што може да послужи како пример и основа за дебата во земјава.
„Целта е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни платежни услуги со разумни трошоци, во согласност со современите европски практики“, посочи гувернерот.
Неговата реакција следува откако дел од банките најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за потребата од поголема заштита на корисниците на банкарските услуги.






