Вишиот обвинител Јован Цветановски: Предметот „Мазут“ е обемен, работам интензивно

Обвинителот Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, кај кого се падна приговорот од државните „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) за запрената истрага за случајот „Мазут“, вели дека интензивно работи на предметот.
Во изјава за ТВ „Телма“, тој посочува дека станува збор за обемен предмет кој кај него пристигнал во 60 кутии со докази и сознанија прибавени за време на истрагата за набавката на мазутот за ТЕЦ „Неготино“, која неодамна беше запрена. Го добил минатиот четврток и ќе го анализира образложението за запирање на истрагата, како и обемниот приговор на ЕСМ за предизвиканата штета.
За разгледување приговори постои релативен законски рок од 30 дена, иако при големи случаи, како овој за мазутот, е потребно и повеќе време.
Обвинителот Цветановски беше под суспензија за можни неправилности во распределбата на предмети. По укинатата суспензија, тој е вратен во распоредот во Вишото скопско обвинителство иако сè уште трае разгледување на обвинителен предлог против Цветановски, во кој штипското обвинителство наведува дека заедно со поранешниот шеф на Вишото скопско обвинителство, Мустафа Хајрулаху, е обвинет за злоупотреби при распоредување предмети.
Цветановски за Телма кажал дека обвинителниот предлог не го видел, но и дека тој не е во правна сила и дека за него има поднесено приговори, но тврди дека тоа нема никакво влијание врз предметот за мазутот и неговите актуелни задолженија.
Инаку, вчера на брифинг со новинарите државниот јавен обвинител Ненад Савески неколкупати напомена дека одлуката за запирање на истрагата не е конечна. Откако Вишото јавно обвинителство Скопје ќе се произнесе, ќе се знае дали истрагата за случајот за набавката на мазут ќе се реотвори или предметот ќе остане затворен.
Савески рече дека, принципиелно, стои зад обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), која ја запре истражната постапка за случајот „Мазут“ поради немање докази.
Станува збор за истрага за набавките на мазут која траеше повеќе од една година, сè до моментот кога пред три недели надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ одлучи да ја затвори. Осомничени се 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други, за злоупотреба на службената положба и перење пари.
За потсетување, претходно обвинителката Коларевиќ, на брифинг со новинарите, а потоа и во интервју за „360 степени“, кажа дека доказите прибрани во истрагата не оделе во прилог на поднесување обвинение кое би опстојало на суд.






