Електричните тротинети ќе мора да се регистрираат?

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави засилени контроли и нови мерки за подобрување на безбедноста во сообраќајот, откако статистиката за изминатиот месец покажала загрижувачки број жртви на македонските патишта.
Гостувајќи во емисијата „Топ Тема“ на „Телма“, Тошковски истакна дека од вкупно 12 луѓе кои загинале во сообраќајни несреќи во текот на минатиот месец, дури петмина биле мотоциклисти.
– За тројца од загинатите сум сигурен дека не носеле кацига. Ги замолувам сите кои управуваат мотор секогаш да носат кацига. Таа не се носи заради другиот, туку заради себе, бидејќи спасува живот – рече Тошковски.
Тој посебно се осврна и на електричните тротинети, кои ги оцени како сериозен безбедносен проблем.
Според него, Министерството веќе анализира искуства од повеќе европски земји, а во подготовка се и законски измени кои би можеле да донесат построги правила за нивно користење.
– Мислам дека треба да одиме со порадикални решенија, особено во делот на забраните, воведување старосна граница и можеби регистрација на електричните тротинети. Тие претставуваат огромен предизвик за безбедноста во сообраќајот и очекувам конкретни решенија во најбрз можен рок – изјави Тошковски.
Министерот најави дека реформите во сообраќајната сфера ќе продолжат и во наредниот период, со цел намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви на патиштата.






