„ЕУ, Кошта и Вајц го потврдија СДСМ, сите лаги на Мицкоски се разобличени“, велат од СДСМ
СДСМ преку соопштение оцени дека пораките кои деновиве пристигнаа од европските институции претставуваат потврда на ставовите што партијата ги застапува со месеци и, како што велат, ги разобличуваат тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски и Владата.

Од опозициската партија посочуваат дека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јасно ставил до знаење дека уставните измени остануваат единствениот услов за формално отворање на пристапните преговори со Европската Унија.
„Лагите со кои Мицкоски ги манипулираше граѓаните се потопени“, велат од СДСМ во соопштението.
Партијата се повикува и на извештајот за земјава што беше усвоен од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, подготвен од известувачот Томас Вајц, во кој се нотира недоволен напредок во клучните реформски области, особено во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата.
Според СДСМ, ова претставува директна потврда дека Владата не ги спроведува неопходните реформи и дека наместо зајакнување на институциите, се вршат политички притисоци и обиди за партиско влијание врз правосудниот систем.
Од партијата посочуваат и на делот од извештајот што се однесува на странско влијание и дезинформациски кампањи, оценувајќи дека тоа е потврда за нивните предупредувања за ширење антиевропски наративи и евроскептицизам.
„Додека Мицкоски и неговата пропагандна машинерија шират стравови за наводно загрозување на идентитетот, јазикот и културата, вистинската цел е државата да остане во изолација и да се блокира европскиот пат“, наведуваат од СДСМ.
Партијата тврди дека лажниот патриотизам се користи како покритие за отсуството на реформи и борба против корупцијата, додавајќи дека Македонија останува заглавена на европскиот пат.
Во соопштението се посочува и на заедничкиот документ на Германија и Франција, во кој, според СДСМ, повторно се нагласува важноста на исполнувањето на Копенхашките критериуми, реформите и уставните измени како предуслов за продолжување на евроинтегративниот процес.
„Денес е јасно дека без реформи и исполнување на обврските нема напредок кон Европската Унија. Затоа, реформи сега. Европа сега“, порачаа од СДСМ.






