По 18 години заврши судската голгота за обвинетите во ,,Изгрев”

По 18 години години низ судските лавиринти, обвинетите во случајот ,,Изгрев” конечно ќе дочекаат и правосилна ослободителна пресуда. На јавната седница во Апелација, во средата, Вишото јавно обвинителство побара да се одбие жалбата поднесена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое се жалеше на ослободителната првостепена пресуда.

-Ова значи дека ,,Изгрев” заврши, чекаме само писмена потврда на одлуката на Кривичниот суд која што беше ослободителна, вели за ,,Фокус”, Горги Миладинов, кој беше еден од обвинетите.

На овој предмет му требаше цело полнолетство, за да се утврди дека обвинетите неправедно биле обвинети, а потоа и осудувани. Низ годините се свртеа неколку обвинители и судии, но оној првиот Ѓоко Ристов, и самиот неодамна заврши зад решетки. Тој тврдеше дека во случај „Изгрев“ биле перени пари, а на крајот „заглави“ во притвор за истото кривично дело, откако во семејната куќа му беа пронајдени соѕидани 350.000 евра.

Настрана оваа симболика, на обвинетите конечно им се „раздени“, а на државата набргу ќе ѝ се стемни, бидејќи ќе треба да им исплати милионска отштета за сите трауми што ги преживеале низ годините, а ќе треба да ги подмири и адвокатските и судските трошоци.

Случајот „Изгрев“ почна кон крајот на 2008 година, а во судница влезе во 2009 година, кога браќата Миладинови беа обвинети за финансиски малверзации и за манипулации со хотелот „Изгрев“ во Струга. За помагање беа обвинети неколкумина адвокати, судии и нотари.

повеќе

Back to top button
Close