Велешанка со благодарност за двајца полицајци од СВР Велес – спречиле поголема штета при пожар во нејзиниот автомобил

Велешанката Марија Новакова јавно им се заблагодари на двајца полициски службеници од СВР Велес кои, како што наведува, несебично ѝ помогнале при гаснење пожар во нејзиниот автомобил.
Новакова на социјалните мрежи напиша дека благодарение на нивната брза реакција, смиреност и професионалност била спречена поголема материјална штета.
„Сакам да изразам јавна благодарност до двајца полициски службеници од СВР Велес кои несебично ми помогнаа при гаснење на пожар во мојот автомобил. Благодарение на нивната брза реакција, смиреност и професионализам спречија поголема штета. Денес во нив видов вистински пример за несебична посветеност“, напиша Новакова.
На нејзината објава, свој коментар на Фејсбук имаше началникот на СВР Велес – Трајче Мехалов, кој ѝ се заблагодари за убавите зборови и јавно изразената благодарност.
„Нашата должност е секогаш да им помагаме на граѓаните кога е најпотребно, а вашата благодарност ни претставува голема чест и мотив да продолжиме посветено да ја извршуваме нашата работа“, наведува Мехалов.






