Градоначалникот на Кратово: Доброволно или насила, узурпаторите ќе ја напуштат Куклица


Случајот со наводната узурпација на локалитетот Куклица добива судска разврска. Градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски, соопшти дека судот донел времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот татко Милош Димитровски ќе мора да се повлечат од локалитетот Камени Кукли и да го предадат во владение на надлежните институции.

„Доброволно или насила, узурпаторите ќе мораат да ја напуштат Куклица. Судот донесе времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот татко Милош Димитровски ќе мораат да се оддалечат од локалитетот Камени Кукли и да го предадат во владение на надлежните институции. Ако одбијат, полицијата насилно ќе ги исфрли од кругот на објектот“, изјави Николовски.

Реакцијата следува откако во јавноста беа објавени сведоштва од посетители кои тврдат дека таткото и ќерката со години самоволно наплаќале влез за посета на природниот локалитет Куклица, иако станува збор за јавно добро кое се наоѓа на државно земјиште.

Како што претходно објавија медиумите, повеќе посетители се пожалиле дека им биле барани пари за влез на локалитетот, а во случаи кога одбивале да платат, наводно биле изложени на навреди, закани и агресивно однесување. Дел од нив тврдат дека кон нив биле фрлани камења, а биле пуштани и кучиња.

Откако Општина Кратово претходно соопшти дека нема механизми самостојно да обезбеди непречен пристап до локалитетот, градоначалникот сега вели дека по долгогодишни судски постапки и поднесени кривични пријави, за првпат е донесена конкретна судска одлука која би требало да стави крај на спорот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека против Стојна Димитровска, нејзиниот татко Милош Димитровски и нивното здружение е поднесен обвинителен акт за узурпација на недвижности. Дополнително, против Стојна Димитровска е издаден и казнен налог поради закани упатени кон туристи кои го посетувале локалитетот.

Куклица, позната и како Камени Кукли, е еден од најпрепознатливите природни локалитети во Македонија и е заштитен споменик на природата кој секоја година го посетуваат голем број домашни и странски туристи.

Back to top button
Close