Почнува СП во фудбал: Најскапите билети, цената на организацијата, колку заработува Инфантино, тимовите, натпреварите…
Светското првенство во фудбал, кое почнува утре, 11 јуни, е повеќе од само спортско натпреварување, меѓу другото и затоа што е настан во кој се вртат милијарди. Овој куп, кој ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, според сите проценки ќе биде најголемото и најскапото Светско првенство во фудбал досега. Најголем трошок е секако самата организација на натпреварот – 3,8 милијарди долари. Шампионатот, веројатно најважното натпреварување во фудбалот, ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули, а ќе го организираат 16 градови домаќини во три земји, и тоа 11 во САД, три во Мексико и два во Канада. Во тој период ќе се одиграат 104 натпревари.

Титулата овојпат ја брани Аргентина која на последниот шампионат во Катар во 2022 година во финалето ја совлада Франција. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ова го нарече „најголемиот настан што човештвото го видел“, а според извештаите на медиумите, речиси сигурно ќе биде најпрофитабилното натпреварување во спортската историја. Затоа ваквите настани не се важни само за спортот, туку и кога се гледаат од економски аспект. Цените на билетите Едно од првите прашања што треба да се постави е колку чинат билетите. Како што објави Дојче веле, цените веќе на самиот почеток биле многу високи. Имено, многу седишта чинат по неколку илјади долари, а премиум билетите за финалето првично чинат дури 11.000 долари. Исто така, ФИФА за прв пат воведе „динамична цена“, што значи дека цените се менуваат врз основа на побарувачката. Така, дури и во иста фаза на продажба, навивачите плаќаат различни суми за истите седишта. Дополнително, клиентите кои избрале одредена категорија или позиција на стадионот на крајот добивале полоши места. Навивачките организации и здруженијата за заштита на потрошувачите поднесоа жалба до Европската унија поради тоа, а обвинителите во Њу Џерси и Њујорк најавија истрага за системот за продажба на билети.
Најевтиниот билет за финалето на веб-страницата на ФИФА на 28 мај изнесува 8.625 долари, додека билетите за достапни места за лицата со посебни потреби чинат најмалку 10.350 долари. Последното слободно место во првиот ред, веднаш до аголното знаме, беше понудено за дури 690.000 долари. Веќе нема билети за финалето, бидејќи сите се распродадени. Навивачите ширум светот ги оценија билетите како недостапни за најверните спортски фанови. Покрај продажбата на билети, ФИФА генерира приходи од продажба на медиумски права, спонзорства на светски брендови и ВИП пакети за компании и богати поединци, како и договори за лиценцирање производи.
Кога станува збор за спонзорите и комерцијалните партнери, тие ќе донесат рекордни 2,7 милијарди долари, со дополнителни 670 милиони од договорите за лиценца. Што се однесува до приходите на ФИФА, во текот на циклусот 2019-2022 година, кој кулминираше со СП во 2022 година во Катар, тие достигнаа рекордни 7,57 милијарди долари. Сепак, последниот финансиски извештај покажува дека светската фудбалска организација ќе заработи 13 милијарди долари во текот на четиригодишниот циклус што кулминира летово, од кои речиси 9 милијарди ќе се реализираат само годинава. Интересно е што Светското првенство финансиски заостануваше зад Олимпијадата до турнирот во Јужна Африка во 2010 година, кој донесе 4,19 милијарди долари, во споредба со 3,23 милијарди долари (по сегашните стапки) генерирани од Олимписките игри во Лондон 2012 година.
Како непрофитна организација, ФИФА тврди дека ќе реинвестира најмалку 11,67 милијарди долари од вкупниот приход од 13 милијарди долари во развојот на фудбалот ширум светот, што е зголемување од 20 отсто во однос на претходниот циклус. Сепак, начинот на распределба на тие пари останува контроверзен, пишува Гардијан. Околу 2,7 милијарди долари одат директно на националните федерации и континенталните конфедерации, што критичарите го гледаат како ефикасен начин за одржување на постојната структура на моќ. Најголем трошок има организацијата на натпреварувањето – вкупно 7,6 милијарди долари во последните четири години, од кои само СП 2026 чини 3,8 милијарди долари. Исто така, секоја национална асоцијација добива загарантирани пет милиони долари по циклус, со можност за дополнителни три милиони за проекти, додека континенталните конфедерации добиваат по 60 милиони долари. ФИФА го зголеми наградниот фонд за 50 отсто во однос на Катар, на 727 милиони долари, а потоа дополнително на 871 милион долари, при што секоја од 48-те репрезентации сега добива најмалку 12,5 милиони долари.
Еден од победниците ќе биде и самиот Инфантино. Неговиот бонус се зголеми од два на три милиони долари, со што неговата вкупна плата достигна шест милиони. Како што се очекуваше, ваквите големи настани често се претставуваат како економски значајни за градовите домаќини. Се очекува огромен прилив на туристи, полни хотели и потрошени милиони. Сепак, годинава хотелите се полнат помалку од очекуваното, а прашање е дали шампионатот навистина ќе ја донесе финансиската добивка што ја очекуваа градовите. Според Ал Џезира, на само неколку дена пред почетокот на турнирот, 80 отсто од хотелските резервациии е под очекувањата. Во Њујорк, кој ќе биде домаќин на финалето, резервациите се на околу 65 проценти од очекуваното ниво.
Воздушниот сообраќај покажува раст на побарувачката, и покрај зголемувањето на цените на горивата и намалувањето на бројот на летови од страна на главните американски превозници. Резервациите за Хјустон и Далас (двата града се домаќини на одредени натпревари) се зголемија за 38 и 42 проценти, соодветно, во споредба со истиот период минатата година. Патем, речиси 70 проценти од сите резервации на авиони се направени од домашни патници. Што се однесува до очекуваната туристичка потрошувачка, Американската туристичка асоцијација проценува дека странските патници ќе потрошат повеќе од вообичаеното, во просек 5.000 долари по лице. Тоа е повеќе од 200 долари повеќе отколку што трошат домашните патници. Сепак, според Ал Џезира, за меѓународните патници, причината за нивното одвраќање од патување е имиграциската политика на американскиот претседател Доналд Трамп. Навивачите се соочуваат и со административни проблеми поврзани со визите. Имено, администрацијата ја прекина програмата за гаранција за визи која бараше посетителите од 50 земји да положат депозит од 15.000 долари. Оваа обврска беше укината во мај за имателите на билети, но поради пријавени доцнења во обработката на визите, некои патници може да не пристигнат на време.
Историјата знае и примери кога домаќините на светските фудбалски првенства не оствариле профит. Таков случај беше Светското првенство во Бразил во 2014 година. Според истражувањата, 61 процент од Бразилците сметале дека организацијата на Светското првенство не е добар начин за трошење на јавните пари. Оваа година, за разлика од Бразил, ќе се користат постојните стадиони, што ја намалува потребата од нови инвестиции. Светското првенство на ФИФА во 2026 година ќе биде 23-то првенство, а досега купот го имаат осум различни национални тимови. Најуспешен е Бразил, кој беше светски шампион пет пати. Германија и Италија победија четири пати, Аргентина три пати, Франција и Уругвај двапати, а Англија и Шпанија еднаш. Оваа година ќе учествуваат 48 репрезентации, што е повеќе од претходните 32. За прв пат, домаќини се три земји, на два континента. Мексико ќе стане првата земја што ќе биде домаќин или ко-домаќин на Светското првенство три пати, додека САД ќе бидат домаќини по втор пат. За Канада, пак, ова ќе биде првата организација на натпреварувањето. Вкупниот број на одиграни натпревари ќе се зголеми од 64 на 104.






