Клековски: Не е пожелно да се гради нов Клинички центар пред да бидат завршени болниците во Штип и Тетово

Да се гради нов Клинички центар во Скопје без да бидат завршени болниците во Штип и Тетово за директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски не е пожелно. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека новиот ултрамодерен Клинички центар ќе почне да се гради наредната година на локацијата пред базенот Борис Трајковски, кој со подземен премин би бил поврзан со болницата „8 Септември“.

„Пред да стигнеме до Клинички центар верувам дека треба да направиме се што е возможно да видиме кои се регионалните капацитети. Не мислам дека во секое гратче треба да има болница, туку да видиме како ќе се движат пациентите од брегалнички регион. Најверојатно преку Клиничката болница во Штип и затоа прва линија на проекти се Тетово и Штип“, рече Сашо Клековски, директор на ФЗОМ.

 

Ако се изградат тие капацитети и тие клинички болници третираат соодветни дјагнози треба да се види како тоа ќе го растерети скопското здравство и какви капацитети ќе ни требаат, додава Клековски.

„ Да градиме комплетно нов во моментов без да се завршени Тетово и Штип мислам дека не е пожелно. Сите што сте биле надвор од Скопје знаете дека има многу празни болници. Згради имаме во доволно количини. Во Куманово има две празни згради. Здравствениот дом во Битола неколку илјади квадрати. Ако овие болници преземат дел од пациентите што доаѓаат во Скопје ќе се намали притисокот во Скопје потоа треба да се види подобрата организација како да се постигне“, додава Клековски.

Повеќе од деценија и половина се бара погодна локација за изградба на нов Клинички центар во Скопје. Сите претходни Министри најавуваа, но остана само ветување. Во игра беа три локации, а Мицкоски ја преферира таа во Карпош, но проблемот е што парцелата е приватен имот, па сега се преговара со сопствениците. (Telma.mk)

 

 

Back to top button
Close