Обвинителката Наташа Крстевска – Целева повторно е на чело на Вишото скопско обвинителство, доцни изборот за нов шеф

Обвинителката Наташа Крстевска Цалева од денеска повторно ќе биде привремен шеф на Вишото скопско обвинителство, бидејќи доцни изборот на Виш јавен обвинител.

-Советот донесе одлука за определување на јавниот обвинител Наташа Крстевска Цалева за вршител на функцијата Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје сметано од 12.06.2026 година, па се до изборот на Виш јавен обвинител на ВЈО Скопје, а најмногу за 6 месеци, согласно чл.25 ст.3 од Законот за јавното обвинителство, велат од Советот на јавните обвинители.

Инаку пред три месеци пропадна изборот на шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, па неодамна повторно беше објавена листата на пријавени кандидати. За разлика од првиот пат, кога имаше пријавени седум кандидати, сега листата е составена од петмина.

Пријавени се обвинителите Енѓелуше Кадриу Леши, Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Јасмина Костеска Здравеска, како и Теута Бедиу
Рамадани.

Сите пријавени кандидати се со долгогодишни обвинителски кариери. Обвинителката Кадриу Леши е обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, која од неодама во работа го доби предметот „Талир 1“, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Фетаи е виш јавен обвинител, како и поранешен кадар на СЈО. Таа конкурираше и на претходниот оглас, како и нејзиниот колега, вишиот обвинител Ајро. Костеска Здравеска доаѓа од републичкото јавно обвинителство, а Бедиу Рамадани е шефица на кумановското обвинителство.

Со тројца обвинители ќе се засили и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

-Советот донесе и одлука за објавување на Оглас за избор на Основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Крива Паланка, за избор на 1-еден јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје и за избор на 3-три јавни обвинители во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, информираа од Советот

Back to top button
Close