Парадоксот на моќта на Блискиот Исток: Како војната со Иран ќе ја трансформира воената улога на Америка
„Форин аферс“ (Foreign Affairs) – Њујорк
Во текот на американско-израелската војна против Иран, Вашингтон уживаше во демонстрацијата на својата конвенционална воена супериорност. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се фалеше со квантитативните постигнувања: пред прекинот на огнот на 8 април, само САД извршија над 10.000 воздушни мисии, погодија над 130.000 цели и пресретнаа 1.700 ирански ракети и беспилотни летала. Според Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), во кампањата беа уништени над 85 отсто од објектите што Техеран ги користеше за производство на ракети и дронови, беше потопен поголемиот дел од иранската флота и беа уништени 70 отсто од неговата инфраструктура за лансирање ракети.

Но, деградирањето на воените капацитети на Иран не беше широката стратешка цел што Трамп ја постави во првите денови од Операцијата „Епски гнев“. Тој во повеќе наврати вети дека ќе изнуди целосна капитулација на режимот, дека ќе го заштити иранскиот народ од бруталноста на неговите водачи, дека целосно ќе го отстрани штетното иранско влијание од регионот и дека од Техеран ќе издејствува подобар нуклеарен договор од оној што го постигна поранешниот американски претседател Барак Обама во 2015 година. Сите овие цели остануваат недостижни. Режимот во Техеран преживеа и вешто се прилагоди на стратегијата за исцрпување, која сериозно го оптовари американскиот арсенал, ја загрози цивилната инфраструктура низ целиот Близок Исток и донесе нова димензија во проекцијата на моќта со ефективното затворање на Ормуската Теснина и со притисокот врз глобалната економија.
Иако пристапот на американската војска кон регионот донесе многу оперативни успеси, војната со Иран ги откри нејзините сериозни недостатоци и создаде нови предизвици. Истовремено со демонстрацијата на неспоредливата способност за брзо распоредување огромна воздушна и поморска сила, Пентагон ги продлабочи врските со војските на Блискиот Исток, особено со израелските вооружени сили, со кои ја водеше првата вистинска заедничка кампања по Втората светска војна. Но, тактичките успеси на Вашингтон не можеа да ги надоместат неговите стратешки грешки. Неуспехот однапред да се изгради борбена коалиција — или барем на глобалната сцена Иран да се претстави како непосредна закана — го остави Вашингтон во тешка позиција самано да гради меѓународен консензус за справување со асиметричните тактики на Иран и за финализирање на силен повоен договор. Конфликтот опасно го исцрпи американскиот арсенал. Соединетите Држави едноставно не можат да си дозволат да водат уште една ваква војна.

Во еден горчлив парадокс, војната со Иран откри можности Централната команда на САД многу поефективно да соработува со регионалните војски. Но, дефицитот на доверба што се појави меѓу Соединетите Држави и нивните партнери од Заливот значително ќе го отежне искористувањето на тие можности. На државите од Заливот сега повеќе од кога било им се потребни појасни безбедносни обврски. Сепак, овие земји ја губат довербата дека Вашингтон е посветен на нивната безбедност, додека американската јавност и политичките лидери во САД го изгубија апетитот за скапата и долготрајна мисија на спротивставување на иранските закани.
Блискиот Исток по „Епски гнев“ не е ниту побезбеден, ниту постабилен, ниту пак попредвидлив. Доколку Соединетите Држави не успеат да ги постигнат големите цели што Трамп ги постави пред војната, нивната способност да ги мобилизираат партнерите на другите воени сојузи ќе биде поткопана, а нивните противници ќе бидат охрабрени. За правилно да ги научат лекциите од војната, Соединетите Држави мора да го променат начинот на кој војуваат. Американската одбранбена индустриска база ќе треба побрзо да иновира и да се поврзе со доверливи партнери во развојот и во заедничкото производство на арсенал кој ќе ги исполни барањата на идните војни. На Блискиот Исток, Пентагон ќе треба да ги забрза промените во распоредот на своите сили и бази, како и да го ажурира начинот на соработка со сојузниците. Земјите од Заливот веќе бараат дополнителни одбранбени партнери, па Вашингтон мора да ги удвои напорите за да премине од улогата на единствен гарант на безбедноста во улога на безбедносен интегратор во регионот. Ако не успее во тоа, може да ја зацврсти перцепцијата дека Соединетите Држави се пречка, а не предност, за сојузниците кои се обидуваат да ја осигурат сопствената безбедност.
Силна демонстрација на моќ
Соединетите Држави почнаа да ја прилагодуваат својата воена позиција на Блискиот Исток уште со години пред операцијата „Епски гнев“. По Војната во Заливот во 1991 година, американската војска ротираше сили низ базите во источните земји од Заливот — Бахреин, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати — и позиционираше опрема подготвена за нова конвенционална војна. Оваа мрежа на бази потоа ги поддржуваше американските војни во Авганистан и во Ирак во првата деценија на дваесет и првиот век; во 2010-тите, пак, кампањата за поразување на Исламската Држава (ИДЕС/ИСИС) и напорите за спротивставување на иранското влијание ја одржаа постојната структура на бази.
Но, како што Вашингтон стануваше посвесен за растечкиот арсенал на ирански ракети и беспилотни летала, како и за заканата што тие ја претставуваа за американските бази во Заливот, тој почна да планира пофлексибилна мрежа на бази долж Црвеното Море и Медитеранот. До 2020 година, Пентагон ја развиваше „Западната пристапна мрежа“ — систем на бази наменет за заобиколување на поморските теснини и за неутрализирање на иранските закани од непосредна близина. Истовремено, започна и преместувањето на делови од американскиот команден центар за воздушни операции од базата Ал Удеид во Катар во Јужна Каролина.
Пред „Епски гнев“, САД не го концентрираа својот персонал или воен материјал во Бахреин, Кувајт, Катар или во Обединетите Арапски Емирати. Напротив, тие предвидуваа дека Иран ќе ги нападне воените објекти во тие земји со ракети со мал дострел, па затоа однапред ги евакуираа војниците и воената техника. Наместо тоа, раководството на Централната команда ја координираше војната директно од територијата на САД, а операциите беа покренати од западната страна на Блискиот Исток, вклучувајќи ги базите во Израел, Јордан и Саудиска Арабија, како и поморските платформи на отворено море. Ова ѝ овозможи на Америка да избегне поголеми жртви и оперативни застои откако Иран ги нападна нејзините постојни бази.
Војната со Иран, исто така, покажа дека САД можат ефективно да координираат мултинационална воздушна одбрана низ целиот Близок Исток. Централната команда со години работеше на подобра интеграција на радарите, системите за рано предупредување и одбраната на своите блискоисточни партнери, градејќи врз политичкото приближување овозможено со Авраамските договори од 2020 година меѓу Бахреин, Израел и Обединетите Арапски Емирати. Оваа инвестиција се исплати: за време на „Епски гнев“, со цел да се одбранат од Иран, регионалните партнери на САД се потпираа на американското и израелското разузнавање и опрема, со што успешно го пресретнаа поголемиот дел од нападите врз нивните територии.
Всушност, обидите на Иран да внесе раздор меѓу САД и нивните сојузници од Заливот го постигнаа спротивниот ефект, дополнително зајакнувајќи ја воената соработка. Земјите од Заливот претходно беа неволни да се вклучуваат во офанзивни американски воени операции против некоја држава. Меѓутоа, за време на оваа војна, дел од нив дозволија Централната команда да извршува удари од нивна територија, а одредени извештаи сугерираат дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати директно им се приклучиле на САД и Израел во нападите врз Иран.
Војната послужи и како тест за досега незабележаната воена координација меѓу САД и Израел. Во претходните војни што Вашингтон ги водеше на Блискиот Исток — дури и кога предводеше коалиции — американските стратези беа цврсто на чело: тие ги дизајнираа кампањите, ја градеа логистичката потпора и го обезбедуваа мнозинството од војниците. Во оваа војна, пак, израелските и американските стратези заеднички ја конципираа воената кампања, ги поделија целите и рамномерно го споделија ризикот. Израел прв го презеде водството со потиснување на иранската воздушна одбрана и со спроведување на т.н. „удари за обезглавување“, во кои беа елиминирани речиси 40 врвни ирански политички и воени лидери, вклучувајќи го и врховниот водач Али Хаменеи. Дури откако Израел воспостави воздушна супериорност, американските борбени авиони почнаа да летаат во иранскиот воздушен простор.
Во рамките на подготовките за војната, САД стационираа борбени авиони и авио-цистерни за полнење гориво во самиот Израел. Израелските тимови за пребарување и спасување ги поддржаа американските напори за евакуација откако Иран собори американско летало, а израелските разузнавачки служби директно ги насочуваа американските операции. Ова кулминација на воената соработка беше круна на повеќегодишните американски инвестиции во партнерска сила, која покажа дека е воен сојузник од рамноправен ранг, способен да го сподели товарот во спротивставувањето на Иран и во справувањето со идните безбедносни закани.
Повик за акција
Критичната помош што американската воена опрема им ја пружи на Израел и на државите од Заливот за време на кризата, како и огромните инвестиции што овие земји веќе ги направија во купувањето и обуката за користење на американските системи, значат дека нивните војски речиси сигурно ќе продолжат да набавуваат американско оружје и да тренираат заедно со Централната команда на САД. Операцијата „Епски гнев“ исто така покажа дека одржувањето на статично воено присуство во застарените блискоисточни бази веќе не е неопходно, со што се потврдија претходните напори за ажурирање на регионалната воена позиција на САД. Покрај тоа, воениот екосистем што ги поддржуваше антитерористичките мисии во Сирија и во Ирак, а кој со години беше стациониран во Кувајт и во Јордан, може да се трансформира со постепеното намалување на обемот на тие мисии. Истовремено, Пентагон веројатно ќе ги забрза напорите за развој на „Западната пристапна мрежа“ преку потпишување договори за пристап со Израел и со позиционирање опрема и бази долж Црвеното Море и на израелска територија.

Сепак, постои сериозен предизвик во ажурирањето на воената позиција на САД на Блискиот Исток: локалните партнери, кои се веќе загрижени за сопствената безбедност, можат да ги перцепираат промените во американското воено присуство како знак за намалена посветеност на Вашингтон. За да ги ублажи овие грижи, Вашингтон ќе треба да воведе нови парадигми за воспоставување бази и обука. Пентагон може да сигнализира континуиран ангажман во регионот преку трајно доделување одредено ниво на сили на Блискиот Исток, слично на аранжманите што веќе ги има на европскиот и на азиско-пацифичкиот фронт. Ова ќе испрати смирувачки сигнал за сојузниците, а истовремено ќе помогне во американското одбранбено планирање и финансирање. Овие сили би можеле ротационо да се движат низ регионот за спроведување вежби и обуки, споделувајќи ги објектите со партнерите преку договори за заедничка употреба, заедничко одржување и поделба на трошоците.
„Епски гнев“ воедно ја стави во остар фокус и огромната материјална побарувачка на модерното војување — како и неподготвеноста на САД да водат долготрајни конфликти. Фактот дека економијата на војната драстично се менува веќе беше нагласен со руската инвазија врз Украина и последователната исцрпувачка војна. Системите за висококласна воздушна одбрана и најсовремената муниција се финансиски и оперативно неодржливи во борба против евтини, долгорочни напади со беспилотни летала. Сегашните залихи на Пентагон му овозможија да го надмине Иран за време на „Епски гнев“, но тоа беше направено на штета на другите воени фронтови и приоритети. Вашингтон потроши огромна количина муниција во нападите врз цели во самиот Иран: како што посочи одбранбениот стратег Мекензи Иглен, американската војска истрела над 1.000 крилати ракети „Томахавк“ за само неколку недели — количество што САД можат да го произведат за цели 10 години, имајќи предвид дека годишното производство изнесува само 90 до 100 ракети. Според Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), за да се спротивстават на иранската ракетна огнена моќ, Соединетите Држави потрошија најмалку 190 ракети-пресретнувачи за системот THAAD и 1.060 пресретнувачи за системот Patriot само во периодот меѓу 28 февруари и 8 април. Овие бројки претставуваат околу 53 отсто и 46 отсто од предвоените залихи на Соединетите Држави, соодветно. Со сегашното темпо со кое може да ги надополнува овие пресретнувачи, САД не би биле во состојба да се спротивстават на воздушни закани на повеќе воени фронтови едновремено, доколку се појави таква потреба.
За да останат пред кривата на иновациите САД ќе мора да ги забрзаат процесите за набавка и поблиску да соработуваат на полето на иновациите со другите земји. Мора да се намалат регулаторните бариери што го спречуваат трансферот на технологија кон партнерите и од нив, и да се решат индустриските, договорните и финансиските тесни грла што го попречуваат развојот и производството на економична муниција. Соединетите Држави би можеле да имаат многу поголема корист од иновациите што украинската и израелската војска ги имплементираа во модерното војување, доколку се променат политиките и се отстранат бирократските пречки. Вашингтон, исто така, ќе треба да ја трансформира својата фрустрирачки бавна и нефлексибилна процедура за продажба на воена опрема во странство. Продажбата на оружје и технологии за која се потребни години за да се финализира, ризикува да стане нерелевантна во моментот на испорака. Додека Соединетите Држави ги прилагодуваат своите регионални аранжмани за базирање и ги забрзуваат реформите во процесите на набавка, тие треба да ги поканат своите партнери од Заливот да се приклучат во договори за заедничко производство и заеднички развој. Таквиот чекор би ги олеснил американските финансиски и производствени предизвици, а истовремено би додал вредна нова димензија на овие партнерства.
Подвижна мета
Во операцијата „Епски гнев“, Израел и САД применија проширена верзија на стратегијата што ја користеа за време на разорните удари врз иранските нуклеарни и ракетни програми минатиот јуни (за време на т.н. 12-дневна војна). Но, Иран ја промени својата стратегија, што во голема мера ја обременуваше сојузничката операција. По 12-дневната војна, Техеран ги извлече клучните лекции. Прво, утврди дека неговата прекумерно централизирана структура за донесување одлуки го забавува ефективното реагирање на американските и израелските удари, особено поради тоа што Израел и САД директно ги таргетираа неговите врвни лидери и комуникациски мрежи. Второ, увиде дека насочувањето на поголемиот дел од својата одмазда кон ракетни напади директно врз Израел — заедно со еден симболичен напад врз американската база Ал Удеид во Катар — нема да ги одврати Израел или САД, ниту ќе ја ослабне нивната решеност да се вратат на воените операции. Таквиот потег не успеа ниту да ги заплаши Катар и другите земји од Заливот за да наметнат ограничувања за тоа како Вашингтон ги користи нивните територии или воздушен простор. Дополнително, Техеран ги анализираше и научените лекции од начинот на кој Русија ги користи беспилотните летала во војната во Украина, особено нивната способност да погодуваат цивилни центри и енергетска инфраструктура, да ги исцрпуваат залихите на ракети-пресретнувачи и да ја тестираат покриеноста на радарите со цел да се подготви терен за поуништувачки последователни удари.
Затоа, во периодот меѓу минатогодишната и овогодишната војна, Иран целосно ја смени тактиката. Иранските лидери однапред ги делегираа овластувањата за одговор на пониските ешалони на командата и однапред одобрија сетови на цели кои можат брзо да го прошират обемот на контракампањата — стратегија што тие ја нарекуваат „мозаична одбрана“. И покрај тврдењата на американските и израелските лидери дека командно-контролните структури на режимот се распаѓаат, воените одговори на Иран останаа кохерентни и синхронизирани. Клучен пример за тоа беше неговата брза и навремена реакција на израелскиот удар од 18 март врз офшор-гасното поле „Јужен Парс“. За само неколку часа, режимот ескалираше со напади врз енергетската инфраструктура во Заливот, таргетирајќи ја катарската страна на истото офшор-поле, но истовремено удирајќи и врз саудиските и кувајтските нафтени инсталации.
Иран, исто така, го пренасочи својот фокус: наместо да им наметнува директни трошоци на Израел и САД, тој почна да ги напаѓа сите соседни земји кои се политички усогласени со Вашингтон. Притоа, ги користеше своите беспилотни летала не само за директно погодување на целите, туку и за исцрпување на залихите на пресретнувачи кај противниците и за сондирање на нивната радарска покриеност. Овие напади често предизвикуваа минимална физичка штета, но наметнуваа сериозни оперативни оптоварувања и ги принудуваа САД и нивните партнери да заземат одбранбена позиција која екстремно ги троши ресурсите. Техеран го прошири опсегот на своите удари кон цивилната инфраструктура како што се хотели, аеродроми, постројки за десалинизација на вода, пристаништа и нафтени терминали; психолошката и економската војна стана сè поважен елемент од неговиот одговор. Цивилите низ Блискиот Исток трпеа постојани предупредувања за ракети и дронови, виталниот комерцијален поморски пат беше нарушен, а заканите за регионалните енергетски текови се мултиплицираа, привлекувајќи го военото внимание и политичкиот фокус настрана од оперативниот моментум на операцијата „Епски гнев“.

Иран ја откри својата најголема предност во поморскиот домен. Како и со тактиките со беспилотни летала, Техеран демонстрираше капацитет за креативна иновација во поморското војување. Во 2019 година, како одговор на санкциите за „максимален притисок“ од првата администрација на Трамп, тој ги нападна нафтените танкери во Заливот; во 2023 година, поддржаната од Иран милиција на Хутите во Јемен го блокираше транзитот низ Црвеното Море во знак на протест против операциите на Израел во Газа. Затворањето на Ормуската Теснина од страна на Техеран во 2026 година беше крунска демонстрација на способноста што режимот ја развиваше со години наназад. Овој пат, сфаќајќи дека не може директно да се спротивстави на американската поморска супериорност, Иран наменски користеше мали чамци, дронови, мини и копнени ракетни единици за да создаде постојана навигациска несигурност во теснината. Овие тактики генерираа доволно ризик за целосно да го нарушат транзитот низ овој воден пат, каде што се одвива 20 отсто од светскиот поморски транспорт, енормно ги зголемија трошоците за осигурување на превозниците и извршија огромен притисок врз глобалните пазари.
Прилагодување или пропаст
Американската војска демонстрираше дека, заедно со Израел, е способна значително да ги деградира капацитетите на противникот за многу кратко време. Но, неодамнешната војна јасно покажа дека Иран може да проектира моќ на сосема нови начини — и што е уште поважно, дека неговата способност за прилагодување среде тековен конфликт е многу поголема од она што САД го предвидуваа во своите планови. Така, наместо да ја намали пошироката иранска закана, војната генерираше нови опасности за државите од Заливот и за глобалната економија.
Најголемиот проблем за САД на Блискиот Исток сега е нивната неспособност да ги претворат воените постигнувања во стратешки победи. Новата подготвеност на Техеран директно да ги загрози своите соседи од Заливот, како и неговата решеност да користи глобална економска принуда, значат дека САД мора да го задржат своето воено присуство на Блискиот Исток и да продолжат да ги поддржуваат напорите на своите долгогодишни партнери за самоодбрана. Меѓутоа, американската јавност не е убедена дека овие воени партнерства треба дополнително да се продлабочуваат. Во последниве неколку години, анкетите постојано покажуваат дека Американците сакаат помалку странски воени ангажмани, а конкретно бараат повлекување од Блискиот Исток. Анкетата на Reuters/Ipsos од март годинава покажа дека мнозинството Американци сакаат брзо излегување од конфликтот со Иран, дури и ако не е постигната целосна стратешка победа. Поради тоа, американските политички лидери најверојатно ќе се спротивстават на зајакнувањето на безбедносните обврски на Блискиот Исток — и тоа токму во моментот кога регионот ќе ги бара со уште поголема итност.
Проектот „Слобода“ — краткотрајниот напор на САД за насилно отворање на Ормуската Теснина — покажа дека американските воени партнерства се ранливи не само на американскиот внатрешнополитички притисок, туку и на политичкиот притисок што доаѓа од самите земји од Заливот. Откако американската војска успешно спроведе два комерцијални брода низ теснината на 4 мај со цел да ја предизвика блокадата на Техеран, Иран возврати со удар врз нафтен терминал во Обединетите Арапски Емирати, сигнализирајќи дека е подготвен да ги нападне енергетските интереси на целиот Залив. Потоа, Иран нападна и јужнокорејски комерцијален брод за да ја загрози и неарапската трговска пловидба. На крајот, Техеран неуспешно таргетираше и два американски разурнувачи, со цел да ја тестира подготвеноста на Трамп за повторно враќање во отворена војна. Сепак, администрацијата на Трамп инсистираше на тоа дека прекинот на огнот сè уште е во сила и не одговори на иранските напади, освен со преземање чисто одбранбени мерки за заштита на своите поморски пловила.
За разлика од 12-дневната војна, кога иранскиот напад врз катарска територија не ги наруши блиските односи на оваа земја со американската војска, сега, во рок од 24 часа, Кувајт и Саудиска Арабија го затворија својот воздушен простор за американските воени воздухоплови и воведоа дополнителни ограничувања за начинот на кој Пентагон ги користи нивните бази. Овие држави од Заливот стравуваа дека отсуството на одговор од страна на Трамп, особено по нападот врз нафтениот терминал во Обединетите Арапски Емирати, дополнително ќе го охрабри Техеран. Без воена соработка од географски блиските земји, проектот „Слобода“ не можеше да продолжи, па така, првпат во текот на војната, Иран изнуди привремена пукнатина во односите меѓу Соединетите Држави и клучните партнери од Заливот.
Кувајт и Саудиска Арабија брзо го обновија пристапот на американската војска, но ваквите епизоди на недоверба и прекини веројатно ќе се повторуваат. Впрочем, уште пред војната, лидерите од Блискиот Исток бараа поголема разновидност во своите воени набавки и одбранбени партнерства. Оваа потрага сега дополнително се забрзува. На врвот на иранската одмазда, Обединетите Арапски Емирати побараа Израел да распореди војници и дополнителни системи за воздушна одбрана на нивна територија. Украина испрати тимови од експерти за противдронска борба низ Блискиот Исток и, кон крајот на март, потпиша долгорочни безбедносни договори за обука против беспилотни летала, за трансфер на технологии и за заедничко производство на одбранбени системи со Катар, Саудиска Арабија и со Обединетите Арапски Емирати.
Земјите од НАТО кои имаа предвоени одбранбени односи на Блискиот Исток, ги исполнија своите обврски и ја засилија американската одбранбена поддршка за време на војната. Обединетото Кралство обезбеди одбранбена потпора за Бахреин, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и за другите држави во регионот, извршувајќи мисии во рамките на операциите координирани од Централната команда. Франција, исто така, распореди борбени авиони за пресретнување на иранските дронови и ракети насочени кон Обединетите Арапски Емирати и го испрати својот единствен носач на авиони во Црвеното Море за да помогне во повторното воспоставување на слободата на пловењето во регионот. Кон крајот на април, Франција и Обединетото Кралство свикаа самит за поморска безбедност, на кој присуствуваа повеќе од 30 земји, со цел да започнат воено планирање за мултинационална поморска мисија за поддршка на непреченото одвивање на транзитот низ Ормуската Теснина.
Овој тренд на диверзификација ќе продолжи. Други земји се подготвени да ги пополнат празнините што ги оставаат Соединетите Држави. (Јужна Кореја, на пример, неодамна ја ревидираше својата политика за извоз на одбранбени системи за да ги забрза продажбите на воена опрема, особено кон Блискиот Исток.) Вашингтон треба да ја прифати желбата на своите партнери за поширока разновидност во одбранбените сојузи преку преземање координирачка улога, барајќи инспирација во сопствената историја. Претходните американски администрации се обидуваа да ја мултилатерализираат безбедносната соработка во регионот преку формални структури, како што беа Самитот во Кемп Дејвид во 2015 година (кој ја зајакна американско-заливската безбедносна соработка по нуклеарниот договор со Иран), иницијативата за Блискоисточна стратешка алијанса (МЕСА) на првата администрација на Трамп (чија цел беше да создаде нова структура за соработка на земјите од Заливот со САД) и Самитот за безбедност и развој во Џеда во 2022 година на администрацијата на Бајден (кој ја забрза регионалната воздушна и одбранбена соработка на Блискиот Исток).
Сите овие напори тргнуваа од истата премиса — дека мултинационалните безбедносни обврски можат многу подобро да ја поддржат колективната одбрана против Иран. По операцијата „Епски гнев“, Вашингтон треба да соработува со азиските сојузници и со партнерите од НАТО, а особено со воените иноватори како Украина, за да ја формализира оваа мултилатерална безбедносна соработка. Целта треба да биде воспоставување нова безбедносна архитектура која ќе ги интегрира операциите на различни воени системи од различни национални одбранбени индустрии, ќе ги штити класифицираните информации на земјите учеснички и ќе иницира стратешко планирање на ниво на воено боиште за идните набавки и операции со опрема за воздушна одбрана. Соединетите Држави мора да ги обединат актерите заинтересирани за одбрана од иранските закани пред кинеските и руските ангажмани да го префрлат балансот на влијание во неповолна насока за Вашингтон.
Со текот на времето, таквите аранжмани би можеле да му помогнат на Вашингтон да се позиционира како безбедносен координатор на Блискиот Исток во рамките на порамномерен систем за поделба на товарот. Државите од Заливот, исто така, бараат поголема автономија и активен удел во сопствените безбедносни аранжмани. Уште во 2000 година, земјите од Советот за соработка во Заливот (ССЗ) потпишаа заеднички одбранбен договор кој предвидуваше дека нападот врз една членка е напад врз сите. Иако тие не ја активираа оваа одредба за време на војната со Иран, регионалните лидери покажуваат обновен интерес за создавање на некаков вид „исламско“ или „блискоисточно НАТО“ и за усогласување со другите влијателни држави во близина, како што се Египет и Пакистан. Со посредувањето при Авраамските договори во 2020 година, Вашингтон докажа дека може ефективно да помогне во олеснувањето на новите стратешки рамки во регионот.
Сеопфатниот Договор за безбедносна интеграција и просперитет (C-МЕТ) од 2023 година меѓу Бахреин и САД е уште еден вреден модел. Тој ја проширува дефиницијата за безбедност надвор од рамките на чистата одбрана, вклучувајќи ја економската и технолошката соработка, а содржи и одредба слична на онаа од член 5 на НАТО, која бара од страните заеднички да соработуваат за спротивставување на секоја „надворешна агресија против територијалниот интегритет“ на кој било од потписниците. Овој договор беше оставен отворен и за приклучување на други земји. Обединетото Кралство се приклучи во 2025 година, а трите актуелни потписници не треба да го пропуштат овој момент без да ги охрабрат и другите заинтересирани страни внатре и надвор од регионот да го сторат истото.

За време на операцијата „Епски гнев“, американската војска го докажа своето клучно оперативно значење за партнерите на Блискиот Исток и ја потврди својата уникатна конвенционална моќ. Тоа заедничко воено искуство треба да ѝ даде на Америка солидна основа за обнова и проширување на нејзините партнерства. Меѓутоа, јазот помеѓу силните односи што САД сè уште ги негуваат со регионалните војски и сè понатегнатите меѓусебни политички односи постојано расте. Администрацијата на Трамп едноставно мора да ги искористи воените постигнувања на Централната команда со цел да издејствува договор што долгорочно ќе ја намали иранската закана. Исто така, неопходно е да се направат системски промени во начинот на кој Вашингтон соработува со регионалните партнери. Доколку американското раководство не успее на ниту еден од овие два фронта, операцијата „Епски гнев“ ќе остане запаметена како дефинирачка контрадикција на американската моќ — како демонстрација на неспоредлива воена сила која, всушност, го воведе постамериканскиот Близок Исток.






