Тhanks PRIDE
Фотографија направена некаде во њујоршкото метро. Сама по себе зборува повеќе од било кој мој обид да објаснам зошто ме импресионира еден наводно радикален, но всушност секојдневен, мирен мултикултурализам и различност на религиските, сексуалните и родови преференци.

Скоро една раздрагана различност која едноставно постои, не провоцира, нема зошто и кого да провоцира.
Секако клучен останува односот кон различното во јавната сфера. Чувството дека јавноста му припаѓа и на Другиот. Дека Градот му/ѝ припаѓа и на Другиот. Градот е дом за сите и неговите жители чувствуваат дека единственото кое мора да остане во нивните четири ѕида е нивната евентуална нелагода.
Во јуни Скопје има шанси.
Изложби, предавања, перформанси…некој фин подиум потоа. Настани кои му нудат знаење, енергија и профил на вистински град. Потоа во наредните спори летни месеци тоа некако стишува, останува да резонира во нашите глави.
Секоја Парада на гордоста, а особно оваа следнава сабота, ја изодувам со чувство на некоја благодарност. Програмска основа е јасна. И приоритетот останува да се реосвојува јавноста, битката против експлицитните и суптилните форми на насилство и дискурс на исклучување, зазор и срам. И вина. Сето тоа. Да стане видливо, да се искаже на лицата на актерите.
Парадата оваа годинава е дополнително важна во кoнтекстот на напад и назадување на дискурсот на индивидуални и групни права, дивеење на паланечкиот патријархат и традиционализам (од измените на законите во образованието до реториката врзана со секојдневниот живот и различните животни стилови)
Но, имам и една лична позадина.
Моето искуство на опуштеност и некаква заштитеност кога комуницирам со пријателите во квир круговите. Во таквите пријателства низ годиниве – испоседнати по троседи, тераси, плажи, подиуми, низ илјадници разговори почувствувавме дека сме на истата страна во ист меур. И дека ни е добро. Дека така може да се поднесе бесмислата и окружението кое е на пат да стане мошне грдо.
Оној момент кога ќе почувствувате дека традиционалните форми на припадност (камуфлирани со прстени, торти, наводно спонтани просидби споделени по портали и некакви фрази како „ја славиме љубовта“ (која пак е обично тивка и сокриена меѓу редовите и во некажаните зборови, во премолченото помеѓу воздишките) ви треба смеењето со ближните по вредности, љубов и сарказам. Но и дистанца од сето хетеронормативистички исправно.
Постепено, едни покрај други, чувствувате дека двојката која се случува подоцна (ако воопшто некогаш и се случи) а дошла децении откако пријателствата поминале низ серија искушенија не може да стане приоритетна пред пријателите кои ви ја крепеле душата.

Откако ќе ги отфрлите патријархалните флоскули прифаќате дека љубовта се храни од слободата и се негува само во слобода.
Дека никој не ви припаѓа освен ако самиот/та во некој договор со сам/а себе не почувствува дека ви припаднал/а.
Кога ќе почнете да се чувствувате како чудак на традиционалните трпези, тогаш би треба закрилата на вашите луѓе.
Едни покрај други сфаќате дека секому му треба некој или некои свои, но не нужно во рамките на традиционална хетеро двојка која танцува по секогаш слични чекори. А некои чија исфорсирана блискост и церемонијализирана наводна љубов сте ги сведочеле….ви создале страв од секоја идна.
Покрај пријателите сфатив дека на злорадото „кој ќе ти даде чаша вода кога ќе бидеш стара и сама“ имам квир (буквално или културолошки квир, сеедно) пријатели со кои (со вештачки заби и пегави стари, но веројатно излакирани дланки) ќе наздравуваме некаде…некаде каде што ќе растат маслинки и лимони.
Кога ќе поминете 30-тина години сте развиле саркастично трето око и концептот за “сродна душа” сте го отфрлиле. Кога ќе поминете пак 37 некако омекнувате и сфаќате дека всушност одамна имате сродни души – во пријателствата со “така прекрасно неприлагодените” кои нежно и доследно заедно сте ги граделе низ годините.
Во пријателите на кој среде ноќ им праќате.
“Види што прочитав, Скроз е за нас
Никогаш не умеев да поседувам.
Умеев да сакам, но тоа е нешто друго.
(…)
Без фатализмот: јас, и никој друг, никогаш, никаде.
Без закани, уцени.
Љубовта не е само слобода да си одиш. Туку слобода и да се вратиш. Да бидеш присутен.
Да, таму треба да пораснеме, а не да се малтретираме едни со други засекогаш.
Додека те малтретираат.
Убедени дека не може поинаку, а душата знае дека може, така што е среќна.
(Стефан Симиќ)
И така доаѓаме до заклучокот – дека нашето пријателство изградено во слобода и љубов случајно станало парадоксално обврзувачко, поради љубовта од која се храни. Обврзувачко во смисла да не дозволите другиот да се почувствува сам/а.
Со тоа чувство за заедништво во сабота ќе се шетаме низ Скопје.
Договорени дека ќе бидеме простор на слобода и поддршка еден на друг.
Дека смислата за хумор ќе ни се изострува и ќе ги исмеваме традиционалните флоскули … и сопствените стравови.
Дека ќе бидеме дом за сите млади кои не се слободни во својот дом.
Фала ви
Аlways and forever
Лени Фрчкоска






