НАГРАДАТА „КЛУЧЕВИTE НА ПРЕСПА 2026“, ГОДИНАВА, КАЈ ПРЕСПАНЕЦОТ, СЛАВЕ КАТИН

Оваа година наградата „Актерот на Европа“, му припадна на познатиот словенечки филмски и театарски актер и режисер, Нико Горшиќ, додека, пак, наградата„Клучевите на Преспа 2026“ му е доделена на Славе Катин за неговите постигнувања во публицистиката, науката, новинарството за неговиот повеќедецениски придонес во афирмацијата на Македонија во светот и неговата трајна поврзаност со Преспа, како и за афирмацијата на македонското иселеништво ширум светот, посебно на иселеништвото од етничка Преспа. Признанијата се доделени, во рамките на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, организирана од Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕФТА – Скопје.
Во присуство на голем број дипломати, општествени и културни дејци од европските и балканските земји, меѓу кои и градоначалникот на Општина Ресен Ѓоко Стрезовски, амбасадорот Јордан Плевнеш на 6 јули, пред зградата на Сарајот во Ресен, во име на Советот на Меѓународниот театарски фестивал “Актерот на Европа”, го прогласи за “Актер на Европа – 2026” легендарниот словенечки театарски актер и режисер Нико Горшиќ. Ова признание се доделува на докажани европски и светски актерски имиња.
Почесната наградата “Клучевите на Преспа 2026” му беше доделенана истакнатиот македонски публицист, новинар, аналитичар и еден од најдобрите познавачи на македонското иселеништво на сите континенти во светот, преспанецот Славе Катин.
Наградата „Актерот на Европа“ е престижна меѓународна театарска награда за животно дело која се доделува секоја година во рамките на Интернационалниот театарски фестивал што се одржува во Ресен (Регионот на Преспа).
Фестивалот е основан во 2003 година со цел да промовира мир и обединување преку уметноста.
Досегашни добитници на наградата за животно дело се реномирани имиња како германскиот актер и режисер Брајан Мајклс и чешката актерка Ива Јанжурова. Претходно, оваа награда ја имаат понесено истакнати уметници како Енико Есењи од Унгарија, Јон Карамитру од Романија и други.
Наградата „Клучевите на Преспа, пак, е востановена во 2015 година, со која им се оддава почит на поединци кои значително придонеле за афирмација на Преспа и Преспанското Езеро во Европа и светот. Годинешниот добитник, Славе Николовски – Катин од Љубојно
Меѓу претходните добитници на оваа награда се академик Вера Битракова-Грозданова (МАНУ), Ксавиер Боне (CNRS, Универзитет во Ла Рошел), Луиза Винтон (УНДП), академик Андраж Чарни (Словенија), Захари Иванов (Бугарија) и неговата екселенција Кристијан Тимоние, амбасадорот на Франција во Република Македонија, иселеникот Бошко Рајчовски – Пелистерски од Детроит, амбасадорот Ристо Никовски, проф.д-р Никола Јанкуловски, поранешен ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Доделувањето на наградата „Клучевите на Преспа“ на Славе Катин е по повод неговата 50 годишна плодотворна публицистичка, преведувачка и новинарска дејност со исклучителен творечки придонес во вистината на македонското иселеништво и нивната колективна судбина.,Притоа, тој .останува приврзан кон оваа важна национална тема, кревајќи ја и возвишувајќи ја на ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја, притоа, општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние кои живеат во Република Македонија.
Публицистичкиот опус на Катин содржи 66 дела во период од 50 година. Тој денес слави 85 години и е автор и на десеттина дела, кои се однесуваат на Преспа и Преспанското Езеро.
Првото негово дело кое му ги постави темелите на неговата понатамошна публицистичка, преведувачка и новинарска дејност е Речник на англиски и македонски јазик кој се однесува и содржи научни и стручни термини и изрази кои се однесуваат и се поврзани со Преспанското и Охридското Езеро.
Исто така, Славе Катин е автор на пет монографии за личности од Преспа, меѓу кои и монографијата „Митрополитот Кирил“, чиј корени се од Царев Двор. Три публикации се за значењето и прославите на Илинден во Преспа, едно дело е со репортажи за сите населени места во Мала Преспа, во Преспа во Република Македонија и во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија. едно дело е за манастирот „Св. Мала Богородица“ во Сливница и едно дело е со податоци за триесетина познати личности во Преспа и во дијаспората, и иселениците од овој убав македонски крај.
Текстовите на Славе Катин не само што ги опишуваат средбите и настаните, туку предизвикуваат љубов и верност кон Татковината, а низ нив се сублимира и авторовата визија за македонството. Токму поради тоа, делата на Катин имаат и историски аспекти, хуманистички пораки, интимни исповеди, патриотски мечти, но и психолошки и социјални елементи. Со тоа, тој има повеќедецениски придонес во афирмацијата на Македонија во светот и неговата трајна поврзаност со Преспа
Делата на Катин претставуваат илустративен пример за современиот миг на македонскиот државен и политички однос кон нашите иселеници и нивните културни, црковни и спортски друштва и клубови. Однос што отвора нови можности, содржини и перспективи за градење поблиски односи и врски со македонското иселеништво,
Педесет години Славе Катин ја следи преселничката судбина на Македонците, нивната економска ситуација, културниот престиж, улогата на МПЦ во нивното мотивирање за реализација на бројни програми на медиумски, културно – уметнички, спортски и духовен план.
Објави репортажи, патописи, скици, или, белешки. Со чувство и љубов кон историјата на македонското печалбарство, Катин секогаш на секој Македонец му подарува убава литература, низ која ќе ја доживее својата судбина, не само во државата во која се преселил, туку и во својата Татковина Македонија.
Во нив тој ја открива болната трагедија на Македонците, подигната до ниво на една колективна национална судбина и историска категорија, исполнувајќи ја притоа општествената мисија во одржувањето и градењето на врските меѓу раселените Македонци и оние што живеат и создаваат во сопствената слободна и независна држава Република Македонија.
Пишува: ВЕЛЕ МИТАНОСКИ






