Парламентарното мнозинство на Мицкоски се зголеми на 59 пратеници

Парламентарното мнозинство се зголеми за уште еден пратеник, откако ВМРО-ДПМНЕ потпиша Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија. Ова го соопшти премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој оцени дека станува збор за значаен чекор кон зацврстување на политичката стабилност и продолжување на реформите.
„Со потпишување на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека турската заедница е нераскинлив дел од македонското општество и дека новото партнерство е доказ дека политиките треба да ги обединуваат, а не да ги разделуваат граѓаните.
Мицкоски соопшти дека со приклучувањето на Демократската партија на Турците на Македонија, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе располага со 59 пратеници, објави Скопје1.мк






