Филмско бегство во Кочани: Осомничен за дрога избега преку прозорец од полициската станица

Четириесет и едногодишен кочанчанец, кој бил приведен откако во неговото возило била пронајдена бела прашкаста материја, синоќа успеал да избега од Полициската станица во Кочани. Полицијата е на терен и интензивно трага по бегалецот.​

Од Министерството за внатрешни работи  го потврдуваат инцидентот дека се случил на 10 јули околу 20:35 часот.

Осомничениот А.Л. (41) од Кочани, кој претходно бил задржан во просториите на станицата поради сомнение за сторено кривично дело, искористил прилика, отворил прозорец од просторијата во која престојувал и се дал во бегство.​

Надлежните органи соопштуваат дека во моментов се преземаат сите неопходни оперативни мерки за лоцирање и повторно приведување на лицето.​

Приведен во заедничка полициска акција кај Истибања.

Дрското бегство следи помалку од 24 часа по неговото апсење. Претходно, доцна вечерта на 9 јули (во 23:55 часот), на самиот влез во виничкото село Истибања, А.Л. беше лишен од слобода заедно со неговиот помлад сограѓанин Ј.Ј. (25).​

Нивното приведување било резултат на координирана акција на полициски службеници од ОВР Кочани, ОВР Делчево и Полициското одделение Македонска Каменица.

Полицијата сопрела патничко возило „субару“ со кочански регистарски ознаки, кое го управувал 25-годишниот Ј.Ј., додека сега избеганиот А.Л. бил на совозачкото место. При извршениот детален преглед на автомобилот, инспекторите пронашле и одзеле бела прашкаста материја.​

Од полицијата додаваат дека по пронаоѓањето на бегалецот и целосното документирање на случајот, против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави до надлежното обвинителство.

Извор: 4news.mk 

Back to top button
Close