Нова мерка во САД: Секое новороденче ќе добие по 1.000 долари за штедење

Децата во САД ќе можат да добијат почетен државен влог од 1.000 долари преку новата програма „Trump Accounts“, која ја покрена администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со цел да го поттикне штедењето и инвестирањето уште од најрана возраст.
Програмата е наменета за сите деца помлади од 18 години со важечки број за социјално осигурување, а бебињата родени од 2025 до 2028 година автоматски добиваат почетен влог од 1.000 долари од државата.
Родителите можат да ги отворат сметките преку мобилна апликација, а членовите на семејството, пријателите и работодавачите ќе можат да уплаќаат до 5.000 долари годишно за секое дете. Средствата се инвестираат во нискотрошковен индексен фонд, а стануваат достапни кога детето ќе наполни 18 години.
Парите можат да се користат за високо образование, купување или изградба на прв дом и за други законски утврдени намени. Доколку се повлечат пред предвидениот рок без исполнување на условите, се плаќа казна од 10 проценти.
Програмата предизвика поделени реакции. Белата куќа оценува дека милиони деца ќе добијат можност да започнат со инвестирање уште од најрана возраст, додека дел од економските експерти предупредуваат дека системот е сложен и дека најголема корист ќе имаат семејствата со повисоки приходи и подобра финансиска информираност.
Според податоците на Белата куќа, до крајот на неделата американските семејства уплатиле речиси 125 милиони долари на „Trump Accounts“, а повеќе од половина милион сметки веќе го добиле почетниот државен влог од 1.000 долари.
Според процените, почетните 1.000 долари би можеле да пораснат на околу 6.000 долари до полнолетството на детето и без дополнителни уплати, додека со редовни годишни уплати заштедата би можела да достигне значително повисоки износи, објави Скопје1.мк






