Почина поранешен претседател на Челси, повеќе од две децении го водеше клубот

Поранешниот сопственик и претседател на Челси, Кен Бејтс, почина утрово во Монако на 94-годишна возраст, соопшти англискиот клуб. Според информациите, Бејтс починал мирно, опкружен со сопругата Сузана и членовите на своето семејство.
Од Челси со емотивна порака се простија од човекот кој 22 години беше на чело на клубот и остави значаен белег во неговата понова историја.
„Со голема тага ја објавуваме веста за смртта на Кен Бејтс, поранешен сопственик и претседател на Фудбалскиот клуб Челси. Клубот изразува искрено сочувство до неговата сопруга Сузана, семејството и пријателите. Неговата решителност во борбата за Челси во тешките времиња и лидерството со кое клубот стигна до освојување трофеи никогаш нема да бидат заборавени“, соопштија од Челси.
Бејтс беше трет претседател со најдолг стаж во историјата на клубот, раководејќи со Челси цели 22 години. Во јавноста беше познат како харизматична, директна и често контроверзна личност, чии одлуки и ставови неретко предизвикуваа поделени реакции, вклучително и меѓу навивачите.
Еден од неговите најголеми придонеси беше зачувувањето на стадионот „Стемфорд Бриџ“ како дом на Челси. Во периодот на неговото раководење, клубот повторно се етаблира во англиската фудбалска елита и освои два ФА купа, еден Куп на победниците на куповите, еден Лига куп, УЕФА Суперкуп и Комјунити шилд. Во тој период Челси двапати го освои и Фул Мемберс купот, натпреварување во чие формирање учествуваше и самиот Бејтс.






