Завршена е анализата на цените и маржите за околу 600 до 700 производи, трговците ќе бидат предупредени

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во Министерството за економија и труд наскоро ќе се одржи состанок со трговците, откако е завршена анализата на цените и маржите за околу 600 до 700 производи.
Одговарајќи на новинарско прашање при увидот во градежните активности за реконструкција на СОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, најави дека во најкус можен рок ќе бидат преземени соодветни мерки доколку се утврдат неоправдани зголемувања на маржите.
„Очекуваме во најкраток период оние кои ги имаат зголемено маржите во однос на истиот период минатата година за два до пет отсто, односно над постојните бруто профитни маржи од околу 10 отсто, да бидат предупредени“, рече тој.
Посочи дека Владата е охрабрена од последните податоци за инфлацијата, која во јуни изнесувала 3,4 отсто, оценувајќи дека станува збор за најниско ниво во регионот.
Според него, кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата изнесува 2,5 отсто, додека кај облеката и обувките 2,1 отсто. Како главни фактори за раст на цените ги посочи тутунот и тутунските производи, алкохолот и транспортот, поради зголемените трошоци на транспортните компании и туроператорите.
Оцени дека овие показатели се позитивни во услови на глобална економска неизвесност и потсети дека во јуни 2022 година, по почетокот на војната во Украина, инфлацијата достигнала ниво од 14 до 15 отсто.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче денеска изјави дека состојбата со животниот стандард на граѓаните е најсилниот демант на тврдењата на премиерот за економските резултати на Владата.
„Единствено нешто што прави премиерот е да раскажува приказни, но граѓаните веќе не му веруваат. Тоа дека сме трета економија во Европа и дека тука тече мед и млеко не е вистина, бидејќи фрижидерите и паричниците на граѓаните се сè попразни“, рече тој.
Предупреди дека претстојат тешки есенски месеци, при што изрази загриженост околу цената на електричната енергија и можните последици врз цените на производите.
Како негативни економски показатели ги посочи падот на странските инвестиции и индустриското производство, како и стагнацијата на платите во повеќе сектори, вклучително и здравството, образованието и социјалните трансфери.
Во однос на предложениот ребаланс на Буџетот, Филипче оцени дека тој нема да придонесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните, оценувајќи дека станува збор за бројки на хартија од кои граѓаните нема да имаат конкретен бенефит.






