Ле Пен: Нереално е да се очекува дека одлуката на Касациониот суд би можела да ја загрози кандидатурата

Лидерката на француската крајна десница, Марин ле Пен, денеска во интервју за „Журнал ди Диманш“ оцени дека е „нереално“ да се очекува дека одлуката на Касациониот суд би можела да ја загрози нејзината кандидатура на претседателските избори и истакна дека нејзините противници „сакаат оваа кампања да се сведе на правни спорови наместо на политичка дебата“.

– Јас сакам таа да биде демократска и нема да дозволам никому на Французите да им ги одземе овие претседателски избори – изјави лидерката на Националното собрание (РН), пренесува телевизијата БФМ.

Марин Ле Пен во вторникот, на 7 јули, ја објави својата кандидатура за претседателските избори во 2027 година, по одлуката на Апелациониот суд со која ѝ беше вратено правото да се кандидира, но воедно ѝ беше изречена казна од една година носење електронска алка за нога. Таа казна засега е одложена поради жалбата до Касациониот суд што Ле Пен има намера да ја поднесе.

На прашањето дали постои можност Касациониот суд да ја одбие нејзината жалба пред првиот круг на претседателските избори на 18 април 2027 година, Ле Пен одговори дека не сака да се води по претпоставка која не е реална.

– Имам право да се кандидирам, кандидатка сум и сметам дека сум невина. Не може да се зборува за „правна неизвесност“, бидејќи тој параметар е отстранет со одлуката на Апелациониот суд и преку неколку изјави на високи француски судии од 7 јули – истакна таа.

Касациониот суд сепак соопшти дека ќе настојува да ја донесе одлуката пред 1 април 2027 година, односно пред првиот круг од изборите, но не гарантираше дека тоа ќе биде возможно.

Марин Ле Пен, која според анкетите има голема предност во однос на ривалите, во интервјуто рече дека сака „повторно на маса да се стават суштинските прашања“.

– Не е случајно што моите противници се обидуваат да ја пренасочат расправата на други теми. Тоа е начинот на кој функционира системот. Причината е едноставна: тие по секоја цена сакаат да избегнат разговор за своите резултати и за својата програма – заклучи таа.

Back to top button
Close