Се најде чаре за агресивниот татко од Куманово, но повторно под притисок на јавноста


Денешното релативно досадното неделно попладне во земјава го нарушија два настани. Дождот, кој барем во главниот град не ја оправда најавата за невреме и еден очаен повик на девојка од Куманово. Седната на кревет во својот дом, младата девојка го вклучува својот телефон и и раскажува на целата јавност – дека татко и е алкохоличар, дека притоа има дијагностицирани растројства, дека се заканува по животот на трите жени во куќата, а дека ниту со „врски“ не успеваат да го згрижат во институција.

Принтскрин од јавниот апел на „Инстаграм“ на ќерката на П.Ц. од Куманово
Не се јавува Демир Хисар, не се јавува Бардовци. Задржан е привремено во болницата во Куманово, од каде наскоро ќе го пуштат.

„Јас не знам во кој век живееме, меѓутоа овоа лудило и оваа агонија мора да престане. Имам брат со церебрална парализа којшто живее со нас и сите овие трауми ги има преживеано“,

вели во еден момент младата жена.
Исповедта на девојката од Куманово на „Инстаграм“ е од вчера. Денеска, настанот кој не би смеело да биде нешто повеќе од непријатен момент во приватниот живот на едно семејство, стана национална вест. Веројатно толку време требаше за да стигне до медиумите. Или, можеби, видео обраќањето дошло до медиумите откако и еден ден по објавата на првичното видео немаше решение.

Какво е решението? Каква што е редовната процедура при вакви или слични случаи со агресивни епизоди на лица кои имаат дијагностицирани растројства. Или, според ставот на СВР Куманово кој попладнево го пренесоа медиумите:

„Ве информираме дека Секторот за внатрешни работи Куманово е запознаен со случајот и интензивно се работи на негово расчистување. По консултација со Основното јавно обвинителство и други надлежни институции ќе бидат преземени конкретни мерки против П.Ц. од Куманово. Лицето се спроведува во Психијатриската болница Демир Хисар, а по претходно добиено решение од Основниот суд Куманово“.

Спроводот на П.Ц. во болницата во Демир Хисар значи дека лицето ќе добие лекарска помош, согласно неговата состојба. Проблемот е што овој епилог требало да се случи веднаш, уште кога семејството пријавило агресија од членот на семејството со здравствени проблеми. Вака, и не толку реткиот проблем кој системот од институции треба ефикасно да го реши, се претвори во национална тревога. Притоа, животот и проблемите на едно семејство, со име и презиме – се распослани пред очите и устите на целата јавност.
Нема место

Но, случајот не ги разголи дупките во системот и луѓето кои работат во него. Го отвори и прашањето – дали воопшто може да се говори за систем во целосна смисла на тој збор?

Според сведочењето на жената од Куманово, пациентот бил примен во Кумановската болница, но им било најавено дека ќе мора да го пуштат после 48 часа. Сите последователни обиди да го сместат во соодветна установа на лекување, дури и како што вели самата „со врски“, биле неуспешни.

Девојката вели дека не можела, но колегите од „Слободен печат“ го добија директорот на Психијатриската болница „Бардовци“. Ја пренесоа неговата изјава дека кај него нема место за нови пациенти. Се реновирало ургентното одделение. Во Демир Хисар, како што веќе го пренесовме сведочењето на девојката од Куманово, никој не и кревал телефон. Во таква ситуација, секое семејство со пациент со душевно заболување кој е во ремисија му останува да се упати во Психијатриската болница при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ или болницата „8 септември“ – и двете со ограничен капацитет. Можеби и таму немало место, судејќи по фактот дека пациентот, на крај, е упатен во институција на околу три часа возење од Куманово, наместо во соседно Скопје. Сето ова се околности кои го поставуваат прашањето – има ли земјава доволно легла за да одговори на бројот на душевно болни на кои им треба помош?

Тие, самите, секако не се во состојба да кажат. Дали е потребна нова трагедија или нови очајни јавни апели пред прашањето да добие соодветен одговор?

Back to top button
Close